Почетна
Македонија

Адвокати контра одлуката на Уставниот: опасен чекор и создавање амбиент на вина кај судија

Адвокати предупредуваат дека јавното соопштение на Уставниот создава амбиент на вина кон судија и може да ги загрози редовните правни лекови.

·Македонија
Адвокати контра одлуката на Уставниот: опасен чекор и создавање амбиент на вина кај судија

Реакциите не стивнуваат откако Уставниот суд ја испрати својата одлука и соопштение до Обвинителството и до Судскиот совет, тврдејќи дека еден граѓански судија не ја спровел нејзината одлука и ја отфрлил како нов доказ во постапката поврзана со загрозување на безбедноста на новинарката Наташа Стојановска во предметот „27 април“.

Адвокатот Владимир Туфегџиќ оценува дека со образложението и соопштението Уставниот суд создава амбиент на вина и осуда кон судијата, и укажува дека наместо да тропа по кривична одговорност, судот можел да посочи на потреба од едукација и унапредување на практиката.

„Со образложението на 'уставната' одлука се прави токму она што е стриктно забрането согласно праксата на ЕСЧП, еднапред се создава амбиент на вина и осуда на еден судија. Очекував во најмала рака Уставниот суд токму поради овој предмет и одлука, наместо барање кривична одговорност на судија, да укаже за потребата судовите и Академијата за судии и јавни обвинители да спроведат обука и едукација на судиите токму поради правилна примена на одлуките на Уставниот суд и воспоставување на воедначена судска пракса во иднина. Наместо во институциите, дебатата се префрла како по обичај на ниво на ФБ дискусија што е подеднакво лошо како и содржината на соопштението и образложението на одлуката на Уставниот суд“, наведува Туфегџиќ.

Правни забелешки од адвокатската професија

Адвокатската канцеларија „Давидовиќ‑Јанковиќ“ реагира дека Уставниот суд со овој потег ризикува да ги пречекори своите надлежности и да врши притисок врз редовното судство, особено ако јавни соопштенија се толкуваат како поттик за кривични пријави против судии за правни ставови изнесени во регуларна судска постапка.

„Анализирано низ строго формално‑правна димензија, Уставниот суд со овој потег прави опасен чекор кон пречекорување на своите уставни надлежности и отворено се обидува да се наметне над редовното судство, преземајќи улога на над‑судски орган кој дели директиви и се заканува со кривични пријави за правни сфаќања донесени во законски предвидена судска постапка. Во континенталниот правен систем на Македонија, судијата суди врз основа на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори, а не врз основа на судски прецеденти или соопштенија од Уставниот суд. Членот 392 од Законот за парничната постапка содржи децидна, таксативно наведена листа на основи за повторување на правосилно завршена постапка. Во таа процесна норма не постои, ниту пак некогаш постоела, одлука на Уставниот суд како основ за повторување на граѓански спор“, велат од канцеларијата.

Адвокатите додаваат дека судијата од Основниот граѓански суд Скопје постапил по буква на процесниот закон кога го отфрлил барањето за повторување, оценувајќи дека правно толкување на Уставниот суд донесено ex post facto не може да биде подведено како „нов факт или нов доказ“. Тие дополнуваат дека решението воопшто не е правосилно, туку првостепен акт против кој постои жалба до Апелациониот суд.

„Кога судијата од Основниот граѓански суд Скопје го отфрлил предлогот за повторување, тој постапил строго според буквата на процесниот закон, оценувајќи дека правно толкување на Уставниот суд донесено ex post facto не може насила да се подведе под категоријата „нов факт или нов доказ“. Тоа е судиско сфаќање, донесено во рамките на независното судиско одлучување кое е децидно заштитено и со Уставот и со Законот за судовите. Очигледно се занемарува основната законска и уставна гаранција дека судијата не може да биде повикан на кривична или дисциплинска одговорност, ниту пак да биде разрешен за искажано мислење, заземен правен став или донесена одлука при вршењето на судската функција. Овој функционален имунитет е темелот на судската независност“, велат од „Давидовиќ‑Јанковиќ“.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи