Почетна
Македонија

Африм Гаши: Анкетната за Кочани ќе биде ставена на следната координативна

Претседателот на Собранието вели дека ќе ја отвори расправата на координативните средби, но не може да ги принуди партиите кои блокираат.

·Македонија
Африм Гаши: Анкетната за Кочани ќе биде ставена на следната координативна

Претседателот на Собранието Африм Гаши изјави дека блокираната специјална анкетна комисија за случајот Кочани ќе биде ставена на агендата на следната координативна средба со пратеничките групи, откако родителите на 63-те загинати од дискотеката „Пулс" јавно ги прозваа пратениците зошто комисијата сè уште не е формирана.

Гаши: Ќе ја отвориме темата на координативна, но не можам да принудам партии

Гаши тврди дека нема надлежност да наложи формирање на комисијата и дека направил сè што е во неговите ингеренции, но оти партиите ја блокираат постапката по политички причини. Тој одби и наводи дека застанал настрана поради учеството во поранешната Влада во врска со несреќата во Бугарија и рече дека предвидениот анкетен процес треба да ги опфати и таа несреќа, заедно со Ласкарци, пожарот во модуларната болница во Тетово и „Беса транс”.

Гаши рече дека до него не стигнал официјален допис и им порача на семејствата дека ја погрешиле адресата за јавната прозивка. Тој кажа: "Никогаш не сум се плашел од вистината. Јас сум поборник на идејата за правда и вистината, се што ќе можам ќе направам. Јас постапувам согласно на Деловникот и не можам да го прекршувам и него и Уставот, законот... На собраниски координации ова тема за формриање на Анкетната комисија не е поставувана долго време. На координациите збориме за актуелни теми и ќе ја отвориме и оваа тема, или јас или некој од координаторите. Во одлуката стои јасно, што се носи таа одлука на пленарна седница секоја партија предлага свој член. Левица веќе доставила свој член без допис до неа, ете го аргументот. Не можам јас да навлегувам во ставовите на политичките партии, не можам јас да им кажам да донесат одлука."

Левица упати порака до Христијан Мицкоски и Венко Филипче да не прават „дилови врз грбот на семејствата” кои останаа без најмили. Партијата оценува дека во специјалната Анкетна комисија — која треба да ги опфати „Пулс”, Модуларната, „Беса транс” и Ласкарци — ДПМНЕ има интерес да не се копа длабоко во институционалните пропусти околу „Пулс”, додека СДСМ има мотив да ја држи Модуларната надвор од политичка дебата откако обвинителскиот предмет за набавките е затворен.

Семејствата и граѓанското здружение формирано по трагедијата побараа конкретен рок за формирање и старт на работата на комисијата. Здружението „16-ти Март 2025 – Кочани" јавно праша: "Јавно ги прашуваме претседателот на Собранието и сите пратенички групи: ЌЕ ЈА ОФОРМИТЕ ЛИ АНКЕТНАТА КОМИСИЈА – ДА ИЛИ НЕ? На семејствата повеќе не им се потребни зборови. Потребни се постапки. Јавно соопштете конкретен рок кога Комисијата ќе биде оформена и ќе започне со работа. Нашите деца не беа политичари. Тие беа млади луѓе кои излегоа да се забавуваат и требаше да се вратат дома. 63 од нив не се вратија дома."

Во изјавите од политичките партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со месеци доставуваат слични алибита зошто ја одолговлекуваат специјалната комисија: ДПМНЕ велеше дека чека заклучоци од постојаната комисија за да не постојат две паралелни испитувања, додека СДСМ најпрвин најавуваше дека веднаш ќе делегира членови, а потоа велеше дека чека допис од Гаши. Иако анкетата не е приоритет за дел од партиите, денешните соопштенија од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и двете тврдеа дека мислат на семејствата. Анкетната комисија не е во фокусот ниту за ДУИ ниту за Вреди.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи