Почетна
Македонија

Ахмети до Шасивари: Правосудниот испит мора да се полага и на албански јазик

Лидерот на ДУИ испрати отворено писмо до министерот за правда и предупреди дека делумните решенија пред Венецијанската комисија ќе ја релативизираат правната обврска.

·Македонија
Ахмети до Шасивари: Правосудниот испит мора да се полага и на албански јазик

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, испрати отворено писмо до министерот за правда Јетон Шасивари во кое бара целосно спроведување на Законот за употреба на јазиците и овозможување полагање на правосудниот и други стручни испити на албански јазик. Ахмети предупредува да не се нудат делумни решенија пред претставниците на Венецијанската комисија.

Ахмети: Делумно решение е деградација на законот

Во писмото Ахмети наведува дека располагаат со информации оти во Министерството за правда се одржуваат координациски состаноци со цел пред претставниците на Венецијанската комисија како унапредување да се претстави решение според кое правосудниот испит би се полагал делумно на албански, а делумно на македонски јазик.

Ахмети посочува дека „Венецијанската комисија не смее да се користи како параван за избегнување на законските обврски на државните институции. На нејзините претставници мора да им биде презентирана целосната правна состојба, конкретните законски одредби и наодите на надлежниот инспекциски орган, а не политичко решение маскирано како институционален напредок“.

Лидерот на ДУИ се повикува на членовите 1, 2, 6, 9 и 23 од Законот за употреба на јазиците и на правниот принцип дека посебниот закон има предност пред општите закони. Тој нагласува дека правосудниот испит е проверка на правни знаења, а не тест за познавање на македонскиот јазик, и дека студентите кои ги завршиле правните студии на албански јазик на акредитирани универзитети во Република Северна Македонија не смеат да бидат ставени во нерамноправна положба при пристапот до стручните испити.

„Сакам да бидам сосема јасен: ваквото решение не претставува чекор напред, не претставува унапредување. Тоа, напротив, претставува чекор назад, деградација на едно стекнато право и доколку се претстави како унапредување на јазичните права, претставува чин на предавство кон Албанците и кон самиот Закон за употреба на јазиците“, пишува Ахмети, додавајќи дека познавањето на македонскиот јазик може да се проверува преку посебни механизми за јазична сертификација, но тоа не смее да биде пречка за остварување право загарантирано со закон.

Ахмети потсетува дека Инспекторатот за употреба на јазиците веќе констатирал повреда на законот од страна на Министерството за правда во однос на барањата на студентите за полагање на правосудниот и другите испити на албански јазик. „Овој институционален наод требаше да биде почетна точка за отстранување на повредата, а не повод за обиди да се најде начин таа да се релативизира“, пишува тој и повикува Владата да ја спроведе обврската за полна и доследна примена на Законот за употреба на јазиците во сите институции.

Ахмети исто така оценува дека во изминатите повеќе од две години се забележува тренд на стеснување на јазичните права преку слабеење на Инспекторатот и Агенцијата за примена на јазиците, и најавува дека ДУИ ќе им се обрати и на меѓународните гаранти – САД, Европската Унија и НАТО, како и на властите во Тирана и во Приштина.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи