Почетна
Македонија

АХВ: 70 тони небезбедна храна уништени, 122 тони вратени

Агенцијата најавува поостри проверки на увоз и извоз и повисоки казни поради пријави за пестициди и други прекршувања.

·Македонија
АХВ: 70 тони небезбедна храна уништени, 122 тони вратени

Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека од почетокот на годинава се уништени повеќе од 70 тони небезбедна храна, додека 122 тони пратки од Македонија беа вратени од земјите во регионот. Надлежните велат дека контролите ќе бидат засилени и дека подготвуваат измени кои би донеле повисоки казни.

Контроли на увоз, извоз и пазарите

„Секоја држава си го брани својот квалитет и својот производ. Но одржавме состанок и со Министерството за земјоделство и со Министерството за здравство за одредени надлежности кои што ги имаат така што договоривме да бидеме поригорозни во делот на увоз и во делот на извоз. Во наредните два дена ќе има резултати од АХВ за се што е запленето“, рече Оливер Миланов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во текот на осумте месеци надлежните уништиле повеќе од 70 тони производи оценети како небезбедни, а беа отстранети и десетици тони месо. Пред два дена, инспекторите запленија два тона храна на зелениот пазар во Ченто, а денеска беа запленети уште шест тони од пазарите, соопшти АХВ.

Хрватска преку европскиот систем за брзо предупредување реагирала за 50 тони овошје и зеленчук од Македонија, а пратки со пиперки и трпезно грозје беа вратени од Бугарија и Црна Гора поради сомнежи за пестициди над дозволеното. Резултатите од анализите направени во Република Северна Македонија биле негативни, по што дел од производите биле пуштени во промет тука или дадени на преработка.

„Во еден дел да можеби казните се мали, меѓутоа во еден дел казните се соодветни затоа што се казнува и одговорното во правното лице, се казнува и правното лице, се казнува и она лице кое што е вработено и всушност е можеби причина за да на крајот имаме небезбеден производ. Се на се кога ќе се соберат казните не се толку мали како што изгледа во јавноста. Секако дека казната се намалува на 50% доколку се плати во рок од седум дена“, рече Светлана Колариќ, државен советник за храна.

АХВ ги советува граѓаните да го проверуваат рокот на употреба и условите во кои се чуваат и продаваат производите. Надлежните додаваат дека со новиот предлог-закон казните за операторите што не ги почитуваат правилата за безбедност на храната би можеле да бидат двојно повисоки.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи