АХВ одзеде околу два тона месо во Радовиш, 50 кг запленети во Пепелиште
АХВ соопшти дека одземените производи немаат декларации и ќе бидат уништени на депонијата Дрисла во Скопје.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека при вонредни инспекциски контроли во Радовиш биле одземени околу два тона небезбедно месо и подготовки од месо, а во селото Пепелиште се запленети дополнителни 50 килограми месни производи.
Без декларации и во нехигиенски услови
Инспекциските служби вчера извршиле контроли во малопродажни објекти за месо и преработки на подрачјето на Радовиш, при што биле откриени свежо и замрзнато месо оценето како небезбедно. Од АХВ најавуваат дека одземените количества денеска треба да бидат уништени на депонијата „Дрисла“ во Скопје.
Во Пепелиште, неготинско село, инспекторите откриле лице кое без одобрение од Агенцијата произведувало димени месни производи и чварки и ги продавало преку социјалните мрежи. Од лицето биле одземени 50 килограми производи, меѓу кои печеница, кулен и димена сланина.
Според АХВ, производите немале декларации за потеклото, а биле чувани и преработувани во несоодветни и нехигиенски услови, што претставува сериозен ризик за безбедноста на храната и здравјето на потрошувачите.
Инспекциските служби најавуваат продолжување на вонредните контроли во објектите за производство и продажба на месо и месни производи, со цел откривање на нелегално производство и спречување на продажбата на небезбедна храна.
Фото: прес-материјал од настанот


