АХВ: Поединечна угината птица во град не е причина за паника
АХВ ги повикува граѓаните да пријавуваат само поголеми групи угинати птици и да не ги допираат труповите

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до граѓаните да не создаваат паника ако во урбаните средини се најде поединечна угината птица, вклучително гаврани или други диви преселни птици.
Од АХВ појаснуваат дека потребно внимание се бара само ако во исто подрачје и во краток временски период се појави поголем број угинати птици. При ваква невообичаена појава, АХВ ги упатува граѓаните да ги контактираат надлежните служби и да избегнуваат секаков директен контакт, допирање или преместување на угинатите птици.
Агенцијата уверува дека континуирано ја следи состојбата на терен и, согласно проценките на ризикот, ги презема сите потребни мерки за надзор, земање примероци и соодветни лабораториски испитувања.
Зголемен биланс и пациенти на Инфективна клиника
Надлежните служби предупредија дека покрај комарците, дивите птици можат да бидат и пренесувачи на вирусот западен нил. Министерот за здравство Сашо Клековски вчера рече: "250 различни птици можат да бидат резервоар на болеста, меѓу кои и гавранот." Тој ги повика граѓаните кои ќе видат мртва птица да ја пријават во АХВ.
АХВ досега добила една пријава за мртва птица во Гостивар, меѓутоа таму не бил идентификуван вирусот западен нил.
Нов смртен случај од западен илилив го зголеми билансот на вкупно четири починати лица досега. На Инфективната клиника во моментов се хоспитализирани 20 пациенти со западен нил, од кои 18 се лабораториски потврдени случаи, додека два случаи се водат клинички како сомнителни. На интензивна нега се пет пациенти, а лекувањето се води според сите клинички протоколи. Четвртиот смртен пациент бил лекуван на Инфективната клиника 27 дена.
Фото: прес-материјал од настанот