Почетна
Македонија

АХВ спречи увоз на 27 520 килограми млеко од Косово поради афлатоксин

Двете пратки УХТ-млеко од Косово беа задржани и уништени поради афлатоксин над дозволеното; примероците се земени во рамки на мониторинг-програмата на АХВ.

·Македонија
АХВ спречи увоз на 27 520 килограми млеко од Косово поради афлатоксин

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спречи увоз на две пратки од вкупно 27 520 килограми (27,5 тони) УХТ (пастеризирано) млеко од Косово, откако лабораториските испитувања покажале присуство на афлатоксин над дозволените концентрации.

Пратките уништени под надзор на ветеринар

Млекото, што било наменето за продажба во синџир маркети во земјата, не е пуштено во промет по утврдената неисправност. Двете пратки, под надзор на официјален ветеринар, се нештетно уништени на депонијата „Дрисла“.

"Мострите за лабораториско испитување на двете небезбедни пратки УХТ-млеко се земени во рамки на Мониторинг програмата која инспекциските служби на АХВ ја спроведуваат на граничните премини за пратки со храна од животинско потекло при увоз во земјава", се вели во соопштението од АХВ.

Според информациите од агенцијата, контролите биле извршени на граничниот премин „Блаце“ минатата недела, кога е откриено зголеменото присуство на афлатоксин и увозот е стопиран.

АХВ потсетува дека на 17 јули годинава донела решение за воведување посебни безбедносни мерки при увоз на млеко, млечни производи, како и производи што содржат згуснато млеко и млеко во прав. Со тоа се засилени официјалните контроли при увозот, вклучително и задолжителни лабораториски испитувања и проверки на усогласеноста со барањата за квалитет.

Целта, како што нагласуваат од агенцијата, е на домашниот пазар да се пласираат само безбедни и квалитетни производи, како и да се обезбедат фер услови за конкуренција и заштита на домашните производители и потрошувачите.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи