АХВ заплени и уништи еден тон пилешки желудник забранет за увоз и употреба
Инспекторите во Охрид и Струга конфискуваа 1.000 кг желудник и 55 кг подготовки; две месарници ќе одговараат за непочитување на забраната од јули 2024.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека нејзините инспектори извршиле вонредни контроли во месарници во Охрид и Струга при што биле запленети и уништени еден тон (1.000 килограми) пилешки желудник кој е забранет за увоз и употреба во производство на прехранбени производи.
Во истата акција се запленети и уништени и 55 килограми подготовки од месо каде бил употребен забранетиот желудник. Против две месарници кои не го почитувале донесеното Решение за забрана за увоз и употреба на пилешки желудник поднесени се соодветни прекршочни санкции.
Засилени инспекции по анализа на ризик
Спроведените контроли во месарниците во Охрид и Струга се дел од засилените контроли кои се прават со цел да се спречат нелегалните активности со овој вид храна, да се сузбие овој вид криминал и да се заштити здравјето на потрошувачите, соопшти АХВ.
„Со цел обезбедување на висок степен на заштита на јавното здравје и интересите на потрошувачите, Агенцијата во јули 2024 година донесе решение за забрана за увоз и употреба на пилешки желудник наменети за човечка исхрана, во производство на подготовки и производи од поради утврдени потенцијали ризици од употребата на мускулниот дел од желудникот на живината по здравјето на луѓето – можно контаминација со патогени- бактерии и вируси, присуство на токсини и сл. Решението за забрана АХВ ја донесе врз основа на резултатите од спроведената анализа на ризик од можни опасности по здравјето на граѓаните од консумација на овој тип внатрешни органи од живина по здравјето на граѓаните и од резултатите од спроведените инспекциски контроли со кои тогаш беше утврдена злоупотреба и измама на потрошувачите од страна на неколку месни индустрии“, соопшти АХВ.
Инспекторите наведуваат дека заплените и санкциите имаат за цел да ја спроведат одлуката и да го намалат ризикот од понатамошна злоупотреба на забранети состојки во синџирот на снабдување со месо.
Фото: АХВ


