Ајварката е евтина само на нива — земјоделците протестираат поради ниски откупни цени
Земјоделците велат дека им плаќаат помалку од трошоците, НЗМ бара загарантирана цена и забрана за дампинг увоз

Земјоделците ширум државата излегоа на протести и го користат социјалните мрежи за да го искажат незадоволството од ниските откупни цени на црвената пиперка за ајвар. На форумите постојано се појавува една реченица: „Принудени сме да се откажеме од садење, троа по троа од земјоделството нема ништо да остане“.
Производителите тврдат дека пиперката им се откупува по 20 денари за килограм, а според нивната пресметка трошокот за производство изнесува 29 денари за килограм. На зелените пазари ајварот на акција стигнува до 60 денари, а во некои маркети теглите се продаваат и по 80 денари. Националната земјоделска мрежа (НЗМ) предупреди за, како што истакнуваат, невиден грабеж од страна на трговците и откупувачите.
„Во отсуство на реакција од државата и нејзините институции, пред наши очи се случува невиден грабеж од страна на трговците и откупувачите и уништување на земјоделскиот сектор, но и на земјоделските производители. Буквално секаде, во сите сектори имаме катастрофа“, порача НЗМ и преку јавна објава повика до Собранието, политичките партии, академската и научната фела, новинарите и граѓанскиот сектор „под итно да се иницираат и да се процесираат законски решенија со кои ќе се заштити макотрпниот земјоделски труд“.
Предлози: загарантирана цена и заштита од дампинг увоз
НЗМ предлага задолжително утврдување на реални производни цени за сите земјоделски производи, кои да ги изготват независни научни институции врз основа на научно издржани методологии. Според нивната формула, загарантираната цена треба да биде производствената плус 50 отсто. Како дополнителна мерка предлагат да не се пуштаат во промет увозни земјоделски производи по дампинг цени и субвенционирани од нивните матични држави, бидејќи тоа е нелојална конкуренција за домашните производители.
Агроекспертот Ленче Николовска вели дека пред две години преку фирмата „Агротим“ се обидела да организира договорно производство на црвена пиперка, но откупувачите се откажале затоа што таа инсистирала во договорите да има загарантирана минимална откупна цена. Таа нагласува дека решението треба да дојде од државата: план за производство, поддршка во репроматеријали, едукација, следење на пазари, здружување, почитување на договори, субвенции и интервентен фонд за да производството биде профитабилно.
Министерот за земјоделство Борче Серафимовски, кој присуствуваше на протестот во Струмица, рече дека државата не може да ја одреди откупната цена, но дека е постигнат договор со откупувачите и тој треба да се почитува: прва категорија 40 денари, втора и индустриска 30 денари, а шкарт 15 денари. Земјоделците, пак, прашуваат: „Кој е тој откупувач што не може да го контролира државата кога му дава субвенции за преработка?“ Земјоделецот Васко Курјачки јавно му се обрати на министерот: "Министерот да си провери до каде е со исплатата на субвенциите за пиперот, како и до каде е исплатата на пиперот што беше откупен лани. Текстот е во функција на помош на министерот, да се ги превенира состојбите, а не да оди од откуп на откуп и да гасне пожарчиња што ќе се појавуваат одново и одново секој ден."
Аналитичарите и активистите предупредуваат дека потребна е долгорочна политика, а не само привремени мерки. Игор Мирчевски оценува дека „Земјоделците се оставени на милост и немилост на ограничен број откупувачи во државата. Знаејќи дека производителите немаат многу други можности каде да го пласираат својот производ, откупувачите лесно можат да ги усогласат своите интереси и, водени пред сè од желбата за сопствен профит, да понудат цени што не ги вреднуваат реално работата, трошоците и ризикот на земјоделецот. Апсурдно е за мала држава, со релативно ограничено земјоделско производство, да не може навреме да обезбеди дополнителни пазари и пласман на земјоделските производи надвор од државата, особено на европскиот и на пазарите надвор од ЕУ". Како решение, тој повикува на политика која ќе овозможи однапред да се знае што, за кого и колку да се произведува, според кои стандарди и по кои услови ќе се пласира производот.
НЗМ ги спореди откупните цени во регионот: Србија 0,6–0,9 евра/кг во зависност од класата; Бугарија 0,7–1,0 евра/кг за прва класа и околу 0,4–0,5 евра/кг за индустриска класа; Хрватска 0,8–1,2 евра/кг; Словенија мали koliчини, локални кооперативи околу 1,2–1,5 евра/кг; и Црна Гора 0,9–1,3 евра/кг во есенскиот период, при што дел од суровината се обезбедува со увоз од нашата држава и од Србија.
Фото: Unsplash