Албанија отвори тендер за преместување далноводи на делницата кон македонската граница
Тендерот опфаќа преместување на водови кои се судираат со трасите на Коридорот 8; рок на изведба 48 месеци, понуди до 2 ноември 2026.

Албанската управа за патишта распиша тендер вреден околу 14 милиони евра за преместување високонапонски електрични водови кои се преклопуваат со трасите на Коридорот 8 и други национални патни правци.
Според тендерската документација, проценетата вредност на договорот изнесува околу 1,29 милијарди албански леки без ДДВ, а средствата се обезбедуваат од државниот буџет. Рокот за реализација е 48 месеци, додека понудите може да се доставуваат до 2 ноември 2026 година.
Што вклучува проектот
Станува збор за преместување и реконструкција на високонапонски водови од 110 киловолти чија сегашна поставеност се судира со трасите на новите патишта. Интервенциите имаат за цел да овозможат продолжување на патните проекти без нарушување на безбедноста и функционирањето на електропреносната мрежа.
Дел од работите се однесуваат директно на Коридорот 8, вклучително и на правецот Либражд–Прењас, кој води кон македонската граница. На одредени локации ќе треба да се изградат нови делници од надземните електрични водови, со нови столбови, темели, проводници и системи за заштита и заземјување.
Кај делницата Либражд–Прењас потребата од интервенција е поврзана и со геолошките проблеми во областа Драгостуња, каде претходно биле регистрирани свлечишта.
За изведувањето на работите ќе биде потребна координација со албанскиот оператор на преносниот систем и со електродистрибутивниот оператор, со цел интервенциите да се изведат без поголеми нарушувања во снабдувањето и преносот на електрична енергија.
Фото: прес-материјал од настанот


