Почетна
Свет

Албански институции добиле закани за бомби од е‑пошта поврзана со образовна установа во Саудиска Арабија

Полицијата вели дека пораката наликува на претходни закани испратени од компромитирани студентски адреси.

·Свет
Албански институции добиле закани за бомби од е‑пошта поврзана со образовна установа во Саудиска Арабија

Неколку албански институции денеска добиле електронска порака со закани за поставени експлозивни направи и за терористички напади, соопшти албанската полиција, додавајќи дека, според првичните информации, е‑пораката била испратена од адреса поврзана со образовна установа во Саудиска Арабија.

Полицијата: порака слична на претходни случаи

Во официјалното соопштение се наведува дека денешната порака личи на пораки од претходни случаи кога закани биле испраќани од компромитирани електронски адреси на студенти од странски образовни установи. Надлежните полициски служби продолжуваат да го проверуваат потеклото и автентичноста на пораката и да работат на идентификација на нејзините испраќачи.

Овие закани се појавуваат додека протестите во Албанија влегуваат во веќе седми ден. Демонстрантите, предводени од студенти, почнаа кампања со барање за оставка на премиерот Еди Рама, обвинувајќи ги властите за корупција и занемарување на образованието.

Студентските протести следуваат по повеќемесечни мирни демонстрации против продажбата на дел од албанскиот крајбрег за изградба на туристички комплекс поврзан со Џаред Кушнер, зетот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Протестите понекогаш прераснаа во судири со полицијата, при што демонстрантите запалија владини згради и банки и предизвикаа штета на јавен и приватен имот.

Албанските медиуми известуваат дека денеска протести има не само во Тирана, туку и во Лежа, Мирдита, Милот, Скадар, Елбасан и Валона. На некои места делумно е бојкотирана наставата, а регистрирани се и напади врз институции.

Албанскиот министер за внатрешни работи Ервин Демо соопшти дека досега во протестите биле повредени вкупно 295 лица, меѓу кои и 186 припадници на полициските сили. Вчера премиерот Еди Рама ги обвини Русија, Иран, крајнолевичарското движење „Антифа", политичките и верските екстремисти, како и лидерот на опозициската Демократска партија, Сали Бериша, дека се дел од сложена мрежа која ги поттикнува протестите со цел предизвикување насилство и ширење дезинформации.

Во меѓувреме, пратеничката Марјана Кочеку, која ја напушти пратеничката група на Социјалистичката партија и сега дејствува како независна пратеничка, испрати отворено писмо до дипломатските мисии во кое изразува загриженост за, како што наведува, прекумерната употреба на сила од страна на полицијата, тепањето демонстранти додека лежат на земја и несоодветниот третман на приведените лица. Писмото, објавено од „Еуроњуз Албанија", е адресирано до делегациите на Европската унија и на Организацијата за безбедност и соработка во Европа во Тирана, Американската амбасада во Албанија, Канцеларијата на Советот на Европа во Тирана, постојаниот координатор на Обединетите нации и до шефовите на дипломатските мисии акредитирани во земјата, и во него се искажуваат загрижености за наводно кршење на правата на лица одведени во полициските станици.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи