Александар Јанев: Судот одреди притвор за напаѓачот од Охрид по нови докази
Директорот на Бирото за јавна безбедност појасни дека првичната пријава беше поднесена според доказите кои тогаш постоеле, а потоа следеле дополнителни пријави по нови докази.

На прес‑конференција во МВР на 17 ноември 2026 година, директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев рече дека по обезбедувањето нови докази обвинителството побарало притвор, а судот го одредил притворот за осомничениот за нападот во Охрид. Тој објасни дека полицијата во прв момент поднела пријава врз основа на доказите кои ги имала, а потоа доставила дополнителни пријави откако биле обезбедени уште материјални докази.
Јанев ја опиша хронологијата на постапување на полицијата и обвинителството:
“-МВР поднесе соодветна кривична пријава врз основа на доказите коишто ги имале колегите во тој момент, а тоа е нанесување тешка телесна повреда при семејно насилство. Во првиот момент кога ќе ја добиеме пријавата за настанот, ние тогаш не располагаме со сите релевантни материјални докази. Во тој момент имаме само исказ на лицето што пријавува. Ние како орган сме должни да ги обезбедиме сите факти и околности коишто докажуваат или одат во прилог на самата пријава или кои ќе ја демантираат пријава. Ние поднесовме пријава согласно околностите коишто сме ги располагале тогаш, пријавата е доставена до надлежното јавно обвинителство навремено, лицето е обезбедено и беше задржано во полициска станица. Понатаму обвинителството ги доставило до судот, а за тоа какви мерки изрекол самиот суд, тука не можам да навлегувам. По добивање и обезбедување на останати докази, ние повторно го известивме надлежното обвинителство по што судот донел соодветна одлука врз на која што сме денес сведоци,” појасни Јанев на денешната прес‑конференција.
Полицијата работеше додека судот не нареди притвор
Тој рече дека полицијата не застанала на првичните докази и дека продолжила со документирање на случајот во кој момче ја претепа својата девојка во Охрид.
“-Вчера бевме сведоци дека судот имаше изречено мерки на препазливост, односно мерки за непреближување, меѓутоа ние не застанавме овде како полиција. Ние работевме на документирање на целокупниот случај, бевме во потрага по нови околности, елементи и материјални докази, каде што по дополнително обезбедени докази и доставено известување до надлежниот јавен обвинител, одлуката се промени и на лицето по барање на обвинителството, му се изрече од страна на судот мерка активен притвор,” истакна Јанев.
Како родител и граѓанин, тој го осуди физичкото насилство во семејството и повика на зголемување на свеста и одговорноста кај институциите и кај граѓаните.
“- Органите, сите ние имаме одговорност да реагираме согласно нашите надлежности. Но, кога ќе дојде ред полицијата да дејствува, тогаш можеби веќе е доцна. Тоа е последниот моментум и тоага се знае дека во општеството нешто затаило. Затоа мора да расте свесноста, мора да расте одговорноста кај сите нас, кај сите институции. Полицијата е само една алка во целиот ланец. Сите ние мораме активно да работиме, сите ние мораме активно да придонесуваме во целата оваа битка, и да се најдат сите слаби алки,” додаде Јанев на прес‑конференцијата.
Тој укажа дека доколку се утврдат аномалии во постапувањето на полициските службеници, ќе следат истраги и санкции: “-Дали има аномалии од страна на полициски службеници, бидејќи тие се човечки суштества, некој постапувал согласно процедурите, некој постапувал надвор можеби од процедурите, не би сакал да прејудицирам, меѓутоа секој еден што ќе постапува така ќе биде изведен пред лицето на правдата и ќе бидат преземени соодветни мерки за санкција за непрофесионално полициско постапување надвор од законот и самите процедури.”
Фото: прес-материјал од настанот


