„Алкалоид“ прв домашен носител на сертификатот Top Employer 2026
Компанијата е наградена за практики во човечките ресурси и развој на вработените во годината на својот 90‑годишен јубилеј.

„Алкалоид“ АД Скопје е првата домашна компанија што ја доби меѓународната сертификата Top Employer 2026 за Македонија, издаден од Top Employers Institute од Холандија.
Сертификација по сеопфатна процена на практиките за човечки ресурси
Наградата се темели на детална процена на политиките, процесите и практиките поврзани со управување со човечки ресурси. Методологијата на Top Employers Institute опфаќа шест клучни области и 20 теми, меѓу кои стратегијата за човечки ресурси, лидерството, работната средина, привлекувањето и развојот на таленти, благосостојбата на вработените и корпоративните вредности.
Во компанијата велат дека сертификатот е потврда за континуираното инвестирање во знаењето и професионалниот развој на вработените и за стратешката определба за унапредување на корпоративните практики и создавање поттикнувачка работна средина.
„Особено сме горди што во годината во која го одбележуваме нашиот 90-годишен јубилеј ’Алкалоид’ го добива ова престижно меѓународно признание. За нас тоа претставува потврда за долгогодишната посветеност на развојот на компанијата, континуираното унапредување на корпоративните практики и градењето култура заснована на доверба, почит и заеднички вредности. Ова признание е дополнителен поттик да продолжиме да вложуваме во знаењето, професионалниот развој и создавањето нови можности со истата одговорност со која го градиме нашиот успех. Упатувам особена благодарност до сите алкалоидовци, чиј придонес е нераскинлив дел од ова заедничко достигнување“, истакна Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје.
Раководството на компанијата посочува дека континуираното унапредување на организациските практики и развојот на човечкиот потенцијал остануваат меѓу стратешките приоритети. Овие вложувања придонесуваат за одржлив раст, меѓународна конкурентност и за натамошно зајакнување на позицијата и препознатливиот корпоративен идентитет.
Фото: прес-материјал од настанот


