Алкалоид се враќа во ЕХФ Европскиот куп — Лазаров: „Секогаш е задоволство да се игра во Европа“
По една година Алкалоид се враќа во ЕХФ Купот; вечерва ги пречекуваат Ферлах во салата Автокоманда со почеток во 19 часот.

По една година отсуство, Алкалоид вечерва се враќа на сцената во ЕХФ Европскиот куп, а тренерот Кирил Лазаров бара максимален пристап од своите ракометари. Првиот дуел е елиминациски — Алкалоид го пречекуваат австрискиот Ферлах во салата во Автокоманда, со почеток во 19 часот.
Респект и концентрација во сите 60 минути
„Освојувањето на европската титула со домашен ростер, за млад клуб како Алкалоид, беше одлична работа. Се радуваме на новиот предизвик и ќе имаме максимален пристап на секој натпревар. Тоа ќе го барам и од играчите. Секогаш е задоволство да се игра во Европа, а меѓународните официјални натпревари на клупско ниво носат дополнителен квалитет на тимот и посебна мотивација“, вели Кирил Лазаров.
Лазаров посочи дека Ферлах треба да се третира со внимание: „Противникот доаѓа од држава чија национална селекција е во подем. Имаат искусни играчи со квалитетно минато. Добро се воиграни и имаат добар ракометен систем. Треба да имаме максимален респект кон Ферлах. Бидејќи се работи за елиминациски натпревар, мораме да бидеме максимално фокусирани и дисциплинирани во сите 60 минути. Очекувам тврд натпревар со многу трчање и убави потези.
„Нам ни се потребни меѓународни натпревари за подигнување на натпреварувачката форма. Минатата сезона ни недостасуваа токму ваков тип натпревари. По првенствениот натпревар со Струга од домашното првенство, имавме два дена квалитетно да се подготвиме за овој дуел“, додава Лазаров.
Исто така, денеска свој прв меч на европската сцена ќе игра и Бутел Скопје, кој гостува кај Горица. Избраниците на Стојанче Стоилов го одработија последниот тренинг вчера, а натпреварот во Хрватска започнува во 18 часот.
Фото: прес-материјал од настанот


