Амела Мемиш Апостоловска: Мајчин апел и роденден што стана Ден на инклузија
Психологот и писателката ја користеше својата објава за да повика на разбирање и да го прослави 13‑тиот роденден на Леон како порака за инклузија.

Психологот и писателката Амела Мемиш Апостоловска повторно ја разбуди јавноста со директна и емотивна порака на социјалните мрежи, во која ги критикува лажните експерти, стигмата и системските пропусти што ги трпат семејствата на децата со аутизам.
Со остар тон, таа го искажа својот револт кон оние кои го обликуваат јавниот дискурс од позиција на површно знаење.
"Доста е од квазистручњаци што прочитале една книга, па со филтри, ботокс, килограм пудра и лажни насмевки делат памет на социјалните мрежи копирајќи туѓи текстови, преработувајќи ги и објавувајќи ги само за лајк повеќе… Оние кои не го живееле аутизмот во сите бои, кои не поминале ни 24 часа без прекин, а камоли 3 дена во свет каде секој момент е бура, страв и неизвесност, не можам да ги сфатам со кое право отвораат уста", напиша таа.
Роденден што прерасна во порака
Амела, мајка на две деца, се осврна и на трите вида стигма — јавната, самостигматизацијата и институционалната — и на лицемерната поддршка од најблиските кои судат зад грб.
"Аутизмот НЕ СЕ ЛЕКУВА со клишеа и лажна емпатија. Аутизмот бара разбирање. Фатете се за работа во вашата струка, а родителите оставете ги да дишат!" порача таа.
Приказната за нејзиниот син Леон е добро позната во државата: по десет години помината во самотија и прослави со празни столчиња, минатиот месец Леон наполни 13 години, а неговиот роденден во Градскиот парк во Скопје прерасна во вистинска манифестација на инклузијата. На забавата се собраа стотици граѓани, многу деца и познати имиња, меѓу кои и Тамара Тодевска.
"Вчера славевме едно дете, една голема борба, една мајчина желба и една заедница која покажа дека различностите не треба да разделуваат туку да нè зближуваат. Леон наполни 13 години. Од вчера па натаму, твојот роденден веќе не е само твој – тој стана ден на инклузијата!" напиша емотивно мајката.
Амела нагласува дека нема да молчи пред врсничкото насилство и системските пропусти, бидејќи, како што вели, сите деца заслужуваат да летаат со сопствени крилја, без разлика колку пати тие ќе треба да се изградат повторно.
Фото: прес-материјал од настанот


