Почетна
Свет

Американски разузнавачи: Путин може да го тестира единството на НАТО со ограничен напад

Разузнавачките проценки предупредуваат дека Москва би можела да изведе кибернапад или ограничен упад, најверојатни цели — балтичките држави и Полска.

·Свет
Американски разузнавачи: Путин може да го тестира единството на НАТО со ограничен напад

Најновите проценки на американските разузнавачки служби укажуваат дека рускиот претседател Владимир Путин во следните неколку години би можел да се обиде да ја тестира решителноста на НАТО преку ограничен напад врз една од земјите членки на Алијансата. Според извештаите, Москва би можела да избере различни форми на ескалација — од голем сајбер напад до ограничен упад — со цел да се испита дали Алијансата ќе го активира членот 5.

Еден од изворите наведува дека, доколку дојде до таква ескалација, најверојатни цели би биле балтичките држави или Полска, иако не е јасно кога или на каков начин би бил изведен можниот напад.

Алијансата ја следи ситуацијата

НАТО не коментира доверливи разузнавачки информации, но од Алијансата велат дека постојано се подготвуваат за различни можни сценарија. „НАТО ја следи ситуацијата и ние сме подготвени да одвратиме и да се браниме кога тоа е потребно“, изјавија од Алијансата.

Овие проценки се појавуваат по серија инциденти поврзани со руски летала и активности во воздушниот простор или на територијата на членки на НАТО. Во мај годинава дрон со експлозив погоди станбена зграда во Романија во време кога руски сили напаѓаа блиско украинско пристаниште. Во септември минатата година, пак, борбени авиони на НАТО соборија повеќе руски дронови кои навлегле во полскиот воздушен простор за време на напад врз Украина.

Дополнителна загриженост предизвика инцидентот на аеродромот Лајпциг/Хале во Германија, каде што во обезбедена зона беше пронајден дрон натоварен со експлозив, што, според американски проценки, било поврзано со руска разузнавачка служба. Германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт предупреди: „Дронови и закани со дронови, вклучително и во хибриден контекст, се нешто што ни е познато од минатото. Но, дрон вооружен со експлозив на аеродром претставува ново сценарио на закана“.

Американските проценки дополнуваат дека ризикот може да се зголеми доколку Кремљ не најде политички прифатлив излез од војната во Украина. Исто така се подвлекува дека значителното трошење на залихите од клучна муниција и противвоздушни ракети во судирот со Иран — речиси 80 отсто од американските пресретнувачи за системот THAAD и околу половина од ракетите‑пресретнувачи за системите Patriot — веќе влијае врз плановите на воените команданти за можни идни конфликти.

Фото: PA-EFE/SERGEY GUNEEV/SPUTNIK/KREMLIN POOL MANDATORY CREDIT

Поврзани написи