Ана Стојков — од ракометната сцена до првата Македонка со ФИФА лиценца за фудбалски менаџмент
Поранешна ракометарка и 11‑годишна менаџерка на РК Вардар 1961, Ана Стојков е првата Македонка со ФИФА лиценца за фудбалски менаџмент.

Ана Стојков стана првата Македонка која се стекна со ФИФА лиценца за фудбалски менаџмент — квалификација што ѝ дава право да работи како менаџер на врвни фудбалски имиња. Но нејзиниот професионален пат долго време е поврзан со ракометот, каде и ја стекна својата репутација.
Од ракометната сцена кон управување со фудбалски кариери
Стојков има 11 години искуство како менаџер на РК Вардар 1961 и беше директор на ЖРК Вардар, а ја извршуваше и функцијата извршен директор на ЖРК Атлетик. Тие години ја поставија во центарот на клубот кој ја напиша најголемата европска приказна на македонскиот спорт и ѝ донесоа богато искуство во координација со тимови, менаџери и официјални лица на највисоко ниво.
За потеклото на љубовта кон фудбалот, таа вели: „Љубовта кон фудбалот ја носам уште од најмали нозе. Мојот татко рекреативно играше фудбал, но беше и главен доктор на екипата на ФК Силекс и уште како мало девојче ме носеше со себе на тренинзи и натпревари на екипата. Со огромна желба ги следев сите случувања на теренот и надвор од него, целата комуникација помеѓу играчите, тренерите, докторите, целиот стручен тим. Таа нивна посветеност, дисциплина, упорност, борбеност, енергијата помеѓу нив и целото тоа опкружување направи да се роди мојата љубов кон овој спорт.“
За процесот на едукација и стекнување на ФИФА лиценцата, таа објаснува: „Не беше лесно, но токму затоа овој успех ми значи уште повеќе. ФИФА регулативите бараат многу голема посветеност и разбирање. Можам да кажам дека до некој степен се и слични како во ракометот, но сепак имаат поголема тежина, попрецизни се, за секоја ситуација има посебни правила. Се внимава буквално на сите ситници.“ Стојков додава дека лиценцата бара континуирана активност: курсеви и тестови на секои три месеци, инаку лиценцата може да се замрзне.
Балансот меѓу семејството и студиите бил голем предизвик: „Најголемиот предизвик беше што сум мајка на две прекрасни дечиња, а едното во тој период имаше 1 година. Некои денови учев до доцна навечер, но никогаш не помислив да се откажам. Во животот секогаш ќе има причини да се откажеш, но ако нешто навистина го сакаш – секогаш ќе најдеш причина да продолжиш.“
Од искуството во Вардар, таа издвојува и најубави и најтешки моменти, меѓу кои е освојувањето на Лигата на шампионите во 2019 година: „Тоа беше момент кога сите верувавме еден во друг. Дишевме како едно семејство и никој не се откажуваше. Таквите моменти те учат дека успехот не се гради само со квалитет, туку и со доверба, пожртвуваност и огромно срце како на терен, така и надвор од него.“
За положбата на жените во спортот таа нагласува: „Беше голем предизвик, бидејќи спортот најчесто се поврзува со машка професија. Но никогаш не сакав тоа да ми биде пречка. Верувам дека жените носат посебна енергија, емпатија и трпение. Сакам преку мојата работа да покажам дека жените заслужуваат еднаква почит и можности во секоја професија.“
Како совет за оние кои сакаат кариера во спортскиот менаџмент, таа порача: „Никогаш не престанувајте да верувате во себе. Не дозволувајте некој да ви каже дека нешто не можете затоа што сте жена. Работете чесно, учете секој ден и бидете борбени, упорни и трпеливи.“ Стојков, која истовремено води компанија за спортски менаџмент и логистика, вели дека соработката со големи европски клубови бара професионална организација, добра комуникација и сигурност дека сè ќе функционира според договорот.
Фото: прес-материјал од настанот