Почетна
Македонија

Андоновски: Кој ќе ја користи вештачката интелигенција ќе напредува побрзо, другите ќе стагнираат

Министерот најави проектот „Везилка“ од над 5,5 милиони евра и повика на инвестирање во податочни центри и обуки за AI.

·Македонија
Андоновски: Кој ќе ја користи вештачката интелигенција ќе напредува побрзо, другите ќе стагнираат

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски предупреди дека употребата на вештачката интелигенција ќе го одреди темпото на развој – оние кои ќе ја прифатат ќе напредуваат побрзо, додека другите ќе останат во стагнација.

Пред почетокот на конференцијата на МАСИТ „Употребата на вештачката интелегенција како агент“ Андоновски изјави: "Прашањето и за бизнис-секторот и за државата ќе биде: оние што ќе ја употребуваат вештачката интелигенција, ќе може да се надеваат на забрзан напредок, а оние што нема да знаат и нема да може да ја користат вештачката интелигенција, ќе бидат заглавени без напредок или во стагнација."

Проекти и поддршка за ИКТ

Андоновски посочи дека Владата продолжува да ја поддржува ИКТ-индустријата и дека два големи проекти што ги реализираат, „Дигит мак“ и „Инофејт ЕДИХ“, претставуваат директна поддршка за малите и средни компании преку дигитална трансформација. Како што рече, поддршката ќе опфати обука, примена на алатки за вештачка интелигенција и проекти што ги менуваат процесите во бизнисите.

Во однос на институциите, Андоновски нагласи дека ова е нов феномен и за јавната администрација и го најави проектот „Везилка": "Затоа и ја почнавме „Везилка“, проект од над 5,5 милиони евра, со којшто работиме во пет сектори коишто ја зафаќаат и јавната администрација. Тоа значи градење на голем јазичен модел на македонски јазик и потоа негова имплементација во јавниот сектор. Прво преку обуки да бидат подготвени вработените во јавниот сектор за примена на овие алатки, а потоа преку практични примери употреба на алатки за вештачка интелигенција и на нив да базираме определени системи. Прв таков меморандум веќе потпишавме во Собранието, исто така и во Министерството за образование, имаме еден проект кај нас што ќе започне, исто така потпишавме и меморандум, што значи дека полека ќе започне да се користи."

Министерот објасни дека најголемиот недостаток е непостоењето на големи податочни центри каде што може да се процесираат алгоритмите за вештачка интелигенција. "Предолго време се залажуваме дека со употреба на туѓи податочни центри, туѓи системи и туѓи агенти ќе успееме да развиваме македонски развој. И тоа не се случува затоа што македонскиот јазик е мал, немаме голем јазичен модел на македонски јазик затоа што нема каде да се изгради. И тука ќе биде клучната разлика којашто се обидуваме да ја направиме: привлекување на инвестиции во центри за податоци, изградба на Националниот центар за податоци и на тој начин инфраструктурно да се приближиме на Европската Унија."

За заштитата на лични податоци во апликацијата „м-Услуги“, Андоновски нагласи дека податоците што се содржат во електронската верзија на личната карта и на возачка дозвола веќе се сместени во системите на Министерството за внатрешни работи и не се преместуваат на нова локација: "Значи, не се чуваат на некое ново место, не ги влечеме оттаму па да ги пласираме на друга локација, туку тие си се постојано таму, на ист начин се заштитени како што биле заштитени сите овие изминати години, не менуваме ништо во начинот на заштита, но наша обврска е да заштитиме „м-Услуги“ како мобилна апликација и тоа го правиме во моментов." Тој додаде дека очекува ова прашање да се затвори до крајот на годината.

Претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски, истакна дека вештачката интелигенција веќе е реалност и дека во ИКТ-секторот има високо ниво на употреба на алатки со потпора од истражувања. "Денешната дискусија ќе биде како практично ќе ги примениме технологиите, како практично ќе ги примениме иновациите и вештачката интелигенција во промената на работата и водењето на бизнис на компаниите. Целта на МАСИТ е да ја зајакнеме ИКТ индустријата и воедно да станеме двигател на промените и развојот на економијата и развојот и конкурентноста на македонските компании." Тој посочи дека, според истражувањата на Stack Overflow, повеќе од 85 отсто од ИТ-професионалците веќе користат ИТ алатки и вештачка интелигенција и дека тоа е значајно особено за секторот.

Димитровски додаде дека AI ќе предизвика префрлување на задачи и ќе бара преквалификација, а не масовно губење на работни места, и дека во секторот постои потреба за кадри во кибер-безбедност и во дата сајенс.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи