Андреа Лекиќ ќе учествува на Првиот Женски ракометен форум во Охрид
Ветеранката и сегашна генерален менаџер на женските селекции на Србија ќе говори на форумот на 26.09.2026 во „Билјанини Извори“.

Андреа Лекиќ ќе биде една од панелистките на Првиот Женски ракометен форум што ќе се одржи во Охрид на 26.09.2026 година. Настанот, прв од ваков вид во регионот, го организира Ракометната федерација на Македонија.
Лекиќ доаѓа со богат игračки опит: во 2013 година беше прогласена за најдобра ракометарка во светот и истата година со репрезентацијата на Србија освои сребрен медал на Светското првенство. Со Ѓер ја освои Лигата на шампионите, а македонската публика ја памети по петте сезони во дресот на Вардар, со два настапи во финалето на елитното натпреварување. Кариерата ја заврши во 2025 година, по речиси две децении на највисоко ниво и со повеќе од 1.000 голови во Лигата на шампионите.
Продолжување на улогата надвор од теренот
Надвор од натпреварувачката кариера, Лекиќ е генерален менаџер на сите женски национални селекции на Србија и има директна улога во развојот на женскиот репрезентативен ракомет. Во септември 2026 година беше избрана и во новиот Европски одбор на играчи на ЕХФ, каде што искуството и гласот на играчите треба да влијаат на иднината на европскиот ракомет.
Форумот ќе се одржи во Спортската сала „Билјанини Извори“ на 26.09.2026, со почеток во 11:00 и крај во 13:30. Панелистки се Индира Кастратовиќ, Андреа Лекиќ, Лидија Хорват, Сузана Лазовиќ и Драгана Цвијиќ, а модератор на настанот е Јана Серафимова.
Ракометната федерација на Македонија најавува дека целта на средбата е да се отвори простор за дискусија меѓу поранешни и актуелни играчки, тренери и администратори за развојот на женскиот ракомет во регионот и за јакнење на соработката во иднина.
Фото: прес-материјал од настанот


