Андријана Зафировска: Спортот може да биде сигурна и долгорочна професија за една жена
Поранешна репрезентативка и денес раководителка во Работнички: масовноста треба да се претвори во квалитет преку стручен систем и стабилно финансирање.

Андријана Зафировска вели дека одбојката ѝ го обликувала животот — прво како играч и репрезентативец, подоцна како професорка и раководителка во клубот. Во кариера што ја водела низ клубови во земјава и во странство, таа постојано се враќала во ОК Работнички, каде што денес е потпретседател и спортски директор и предава на Катедрата за одбојка при Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.
„Мојата одбојкарска кариера беше исполнета со многу предизвици, успеси, искуства и незаборавни моменти кои ме изградија не само како спортист, туку и како личност. Во текот на кариерата настапував за повеќе клубови во Македонија и во странство, од Олимпик Волеј, Вардар Макпримат, Студент, Студент Кометал, Арис од Грција до Пожаревац од Србија. Но, од 2000 година до денес, без разлика каде ме носеше спортскиот пат, секогаш се враќав во клубот кој за мене претставува многу повеќе од спортска организација – ОК Работнички, клубот кој отсекогаш бил мојот спортски дом. Денес, во истиот клуб продолжувам да придонесувам во една поинаква, но подеднакво одговорна улога, како потпретседател и спортски директор. Особено сум горда на мојата репрезентативна кариера. На само 15-годишна возраст станав член на сениорската репрезентација на Македонија, а репрезентативната кариера ја завршив како нејзин капитен. Одбојката ми даде многу повеќе од спортска кариера. Ме научи на одговорност, тимска работа, почитување, истрајност и справување со поразите, кои понекогаш се многу поважни лекции од самите победи. Кога денес ќе се навратам на целиот тој пат, сфаќам дека најголемата лекција што ми ја остави спортот е дека талентот може да ви ја отвори вратата, но само дисциплината, посветеноста, истрајноста и карактерот можат да ве задржат на врвот. Успехот не доаѓа преку ноќ и зад секој резултат стојат години работа, пожртвуваност и откажувања“.
Од масовност кон професионални стандарди
Зафировска признава дека во некои сегменти има поместување — повеќе државни средства и поголеми можности за поддршка — но посочува дека основните структурни проблеми остануваат. Таа ги издвојува недоволната спортска инфраструктура, ограничените термини за тренинг, застарената опрема и неизвесноста во финансирањето на клубовите. Голем дел од трошоците за развојот на младите спортистки и понатаму ги сносат семејствата, додека клубовите честопати опстојуваат благодарение на ентузијазмот на поединци.
„Ако направам споредба со периодот кога активно играв одбојка, морам да истакнам дека одредени работи се променети во позитивна насока. Денес државата издвојува повеќе финансиски средства за спортот и постојат поголеми можности за поддршка и развој, но, за жал, многу основни и суштински проблеми останале непроменети. И покрај зголемените вложувања, сметам дека условите за работа и развој на женската одбојка не се подобрени во мера во која би требало. Сè уште се соочуваме со недоволна и несоодветна спортска инфраструктура, ограничени термини за тренинг, недостиг од современа опрема и реквизити, како и недоволна финансиска стабилност на клубовите. Дополнителен проблем е што значителен дел од финансискиот товар за развојот на младите спортистки и понатаму го носат нивните семејства, додека клубовите често функционираат благодарение на ентузијазмот и личната посветеност на спортските работници. Од друга страна женската одбојка денес има навистина голем потенцијал. Таа е најмасовен женски спорт во Македонија, со голем број девојчиња кои тренираат во различни возрасни категории. Тоа е огромна вредност која мора да ја препознаеме и соодветно да ја поддржиме."
Таа нагласува дека масовноста треба да се трансформира во квалитет преку долгогодишен и стручeн систем: континуирана едукација на тренерите, унифицирани програми со јасно дефинирани цели, методи и стандарди за секоја возрасна група и поголема поврзаност меѓу училиштата, факултетите, клубовите и федерацијата.
„Сметам дека женскиот спорт во Македонија во последниве години за нијанса добива поголемо внимание и финансиска поддршка но сметам дека задлужува многу повеќе. Женската одбојка е одличен пример дека со голема масовност, традиција, квалитетни спортистки и клубови кои континуирано работат и вложуваат и со ограничени ресурси постигнуваат значајни резултати. Сепак, тоа не е соодветно проследено со институционална, медиумска и спонзорска поддршка. Женскиот спорт не треба да биде третиран како споредна категорија, туку како рамноправен дел од националниот спортски систем“.
Зафировска ги посочува и најголемите предрасуди со кои се соочуваат девојките: „Сметам дека една од најголемите предрасуди е дека спортот не може да биде сигурна и долгорочна професија за една жена. Јас цврсто верувам дека може, но за тоа е неопходна поголема финансиска и институционална поддршка, социјална и здравствена сигурност, образовни поволности и перспектива по завршувањето на спортската кариера. Жената има сила и потенцијал да биде успешна спортистка, професионалец и мајка, но не смее постојано да биде ставена пред избор меѓу кариерата и семејството. Жените одамна докажаа дека можат да успеат во професионалниот спорт. Сега е наша обврска да создадеме услови нивниот успех да значи и професија, егзистенција и сигурна иднина".
Во улогата на спортски директор таа ја нагласува тешкотијата да се одржи конкурентен тим со ограничени ресурси, но и гордоста од традицијата на Работнички: „ОК Работнички не е само спортски клуб, туку вистинска одбојкарска институција! синоним за титули и успеси, но пред сè расадник на репрезентативки и врвни спортистки, кој оставил неизбришлива трага во историјата на македонската женска одбојка. Со 18 шампионски титули, 15 купови и еден Суперкуп, односно вкупно 34 домашни трофеи, Работнички со право претставува пример за спортска традиција, посветеност и континуитет во создавањето победнички генерации."
Како професорка, Зафировска вели дека интересот кај девојките е голем и дека треба да се организираат сериозни училишни и универзитетски лиги кои ќе функционираат како филтер на таленти и мотивација. Таа упатува јасна порака до институциите, бизнис‑заедницата и потенцијалните спонзори: да ја гледаат женската одбојка како инвестиција во спортот и во иднината на спортистките.
Фото: Архива на Андријана Зафировска


