Ангелов: Очекувам денеска да се стави под контрола пожарот на планината Жеден
ДЗС регистрира над 30 пожари на отворен простор; пет се активни, еден е под контрола, 25 изгаснати.

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) соопшти дека во текот на вчерашниот ден биле регистрирани повеќе од 30 пожари на отворен простор, што го задолжува персоналот за итни интервенции на висока приправност и го мотивира повторниот апел за внимателност кон граѓаните.
"Во текот на вчерашниот ден повторно имавме над 30 пожари на отворен простор, што значи дека нивниот број не стивнува. Затоа уште еднаш упатувам апел до сите граѓани да бидат исклучително внимателни, бидејќи доволна е само искра за вистинска катастрофа. Иако за денес попладне и утре попладне синоптичарите предвидуваат појава на локални врнежи, сепак вегетацијата е премногу сува и затоа треба да се внимава – вели Ангелов.
Во текот на вчерашниот ден на подрачјето на општина Струмица биле евидентирани четири пожари, кои, благодарение на брзата реакција на противпожарните екипи, биле целосно изгаснати, со што беше спречена поголема опасност по населените места.
Интервенции и заштита на населбата
"Синоќа имавме четири пожари на територијата на општина Струмица. Благодарение на брзата и храбра интервенција на струмичките пожарникари, сите тие беа брзо изгаснати. Иако четвртиот од нив, којшто се одвиваше во атарот на село Куклиш, го загрози ова село — дојде до првите куќи — но благодарение на храбрата и пожртвувана реакција на струмичките пожарникари, со поддршка на радовишките и валандовските пожарникари, беше спречена катастрофа којашто можеше да се случи во ова село. Постоеше опасност и по куќите, но и по земјоделските површини околу селото – истакна Ангелов.
Во однос на пожарот на планината Жеден, Ангелов посочи дека огнената стихија се шири кон селото Радуша, но во моментов нема директна закана за населените места.
"Пожарот којшто веќе неколку дена се одвива на планината Жеден сега се движи во насока на село Радуша. Гори на тешко пристапен терен, карпест терен — трева, грмушки, трња. Не загрозува во овој момент ниту едно село овој пожар. Очекувам во текот на денешниот ден тетовските пожарникари од тетовска страна и скопските од скопска страна да го стават под контрола и истиот да го изгаснат. Во текот на вчерашниот ден на овој пожар работеа и неколку Пинцгауери на Дирекцијата со огнените тимови. Истите и денес се ставени на располагање како поддршка на скопските и тетовските пожарникари – рече Ангелов.
Според последните податоци од Центарот за управување со кризи, пет пожари се активни, а еден е под контрола од регистрираните 31 пожар на отворен простор до 7.30 часот утринава. Дваесет и пет пожари се изгаснати. Сите дополнителни и детални информации ќе бидат дистрибуирани преку редовните известувања на ЦУК.
Фото: Фејсбук