Почетна
Македонија

Анима мунди бара одговор: каде се мирните маалски миленици во Прилеп, кои чекаа вдомување?

Организацијата побара записи, записник од инспекција и информации дали полицијата учествувала во заловувањата помеѓу 1–23 септември 2026.

·Македонија
Анима мунди бара одговор: каде се мирните маалски миленици во Прилеп, кои чекаа вдомување?

„Анима мунди“ побара јавно објаснување откако неколку добро познати мирни маалски кучиња во Прилеп исчезнаа по низа заловувања во септември. Организацијата предупредува дека чистењето на една локација од познати и стерилизирани животни го отвора патот за прилив на непознати, нестерилизирани кучиња.

Што бараат активистите

Според објавата, загрижени граѓани пријавиле дека кучето Лиска, кое се чувало во населбата Точила, било заловено на 17 септември 2026 година. Кога жителите отишле во прифатилиштето со намера официјално да ја вдомат, кафезите биле празни и Лиска ја немало.

„Анима мунди“ ги повикува граѓаните кои поседуваат фотографии, снимки од надзорни камери, видеозаписи или други информации да ги достават на anima.mundi.sk.mk@gmail.com.

Организацијата официјално побарала од ЈКП „Комуналец“ – Прилеп документација за активностите поврзани со заловување и транспорт на кучиња во периодот од 1 до 23 септември 2026 година, вклучувајќи евиденции за заловените кучиња, местата и геокоординатите на заловување, приемот во прифатилиштето, ветеринарниот третман, вдомувањата, враќањата на терен или други исходи.

Посебно ја побарале судбината на Лиска, Душко, Светле, Симба, Белка, Поко, Ноли и Шарка и бараат одговор каде денес се овие кучиња.

„Анима мунди“ информира дека добила податок оти Агенцијата за храна и ветеринарство извршила вонреден инспекциски надзор; поради тоа бара пристап до записникот и целокупната документација од надзорот. Исто така, поднесено е барање за пристап до информации од јавен карактер до Министерството за внатрешни работи за да се утврди дали полицијата била службено ангажирана при заловување и/или транспорт во периодот од 1 до 23 септември 2026 година, а особено на 17 септември, за кого и по чија иницијатива била ангажирана и каква службена документација постои.

До градоначалникот и Општина Прилеп е побарано јавно да одговорат дали биле запознаени со заловувањата, кој ги организирал и спровел, каде се однесени кучињата и каде денес се Лиска, Душко, Светле, Симба, Белка, Поко, Ноли, Шарка и останатите исчезнати кучиња.

„Кучињата не се предмети. Нивната судбина не може да биде тајна“, велат од „Анима мунди“ и го повикуваат локалното население и институциите на транспарентност за постапките и судбината на животните.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи