Почетна
Македонија

Анкетата за кочанската трагедија останува блокирана во Собранието

Родителите велат дека повеќе од една година нема институционален епилог додека пратениците не се договорат.

·Македонија
Анкетата за кочанската трагедија останува блокирана во Собранието

Работата на собраниската Анкетна комисија за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ е во застој, а родителите на загинатите се жалат дека повеќе од една година нема институционална разрешница.

Александар Наунов – родител: „За надзорната расправа за „Алта банка" веднаш се договорија. За правда за нашите деца треба повеќе од една година, а сè уште нема епилог", вели Наунов.

Претседателот на постојаната Анкетна комисија, Димитар Апасиев, тврди дека собраниската постапка за кочанската трагедија е блокирана од парламентарното мнозинство предводено од ВМРО‑ДПМНЕ. Според него, одржувањето на седницата на која треба да се разгледаат и усвојат заклучоците зависи од согласноста на ВМРО‑ДПМНЕ, додека другите парламентарни групи се изјасниле дека се позитивни за продолжување на работата.

Никола Мицевски – координатор на пратеничката група на ВМРО‑ДПМНЕ: „Нашиот став е ист како и минатата година. Нека ја заврши Анкетната комисија за Кочани Апасиев, која не ја свикува, па ќе почнеме. Да не се одржуваат паралелни процеси за иста работа", вели Мицевски.

Правни и фактички околности

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани однесе 63 животи и останува една од најтешките трагедии во поновата македонска историја. Судскиот процес е во тек: обвинети се 35 физички и три правни лица, а во одделни постапки вклучени се и 23 полициски службеници.

На 9 декември минатата година се одржа седница на постојаната Анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, по претставката на Здружението „16 март 2025 Кочани“. Оттогаш, наместо продолжување на постапката и усвојување конкретни заклучоци, работата на Комисијата е во застој.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи