Апокалиптични сцени во Истра: Град со големина на тениско топче уништуваше возила
Четири суперќелиски бури се формираа над Јадранското Море, носејќи екстремни временски услови и ретки облачни формации кои не се видени со години.

Хрватскиот полуостров Истра денеска се соочи со незапаметено невреме, откако дури четири суперќелиски бури се формираа над морето и удрија на копното. Ваквиот екстремен метеоролошки феномен, кој донесе огромни количини на град, не е забележан во овој регион во последните неколку години.
Најдраматична беше ситуацијата во околината на Ровињ, каде што паѓаа ледени зрна со дијаметар поголем од пет сантиметри. Огромниот град предизвика значителна материјална штета, кршејќи шофершајбни и уништувајќи каросерии на бројни автомобили кои се најдоа на отворено.
Опасноста се сели кон внатрешноста
Откако го опустоши крајбрежјето, разорниот систем продолжи да се движи кон внатрешноста на полуостровот. Метеоролозите предупредуваат дека суперќелијата моментално е насочена кон областа на Жмињ, при што останува високиот ризик од нови врнежи од град, поројни дождови и силни електрични празнења.
Покрај деструктивната моќ на бурата, на небото над Истра беше забележан и еден исклучително редок природен феномен. Станува збор за облачните формации познати како „undulatus asperatus“, кои создаваат застрашувачки, брановидни структури. Овие облаци се појавува многу ретко и се јасен индикатор за екстремна атмосферска нестабилност.
Силното невреме кое ја зафати Хрватска зад себе остави и откорнати дрвја, оштетени покриви на куќи, а во одредени погодени подрачја доведе и до затворање на образовните институции.