Почетна
Македонија

Архиепископот Стефан ја одбележа 40‑годишнината со литургија во Скопје

Соборна литургија во „Свети Климент Охридски“ го одбележа Денот на сите македонски светители и јубилејот на архиепископот.

·Македонија
Архиепископот Стефан ја одбележа 40‑годишнината со литургија во Скопје

Во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, денеска, пред голем број верници од Скопје и од другите градови во земјата, се одржа свечена Света Литургија по повод Денот на сите македонски светители.

Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан – богослужеше во сослужение со Нивните Високопреосвештенства, Митрополитите: Преспанско‑пелагониски г. Петар, Струмички г. Наум, Повардарски г. Агатангел, Европски г. Пимен, Брегалнички г. Иларион, Тетовско‑гостиварски г. Јосиф, Кумановско‑осоговски г. Григориј и Дебарско‑кичевски г. Георгиј; со Нивните Преосвештенства, Епископите: Дељадровско‑илинденски г. Јоаким и Делчевско‑каменички, како и во молитвено присуство на Епископот Хераклејски г. Климент.

Одбележување на 40‑годишнината

Со ова литургиско собитие, на кое присуствуваше многуброен верен народ, беше одбележана и 40‑годишнината од епископската служба на Архиепископот Стефан.

Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, е замонашен на 3 јули 1986 година во манастирот „Свети Наум Охридски“ во Охрид, а е хиротонисан за епископ на 12 јули 1986 година во храмот „Свети Димитриј“ во Скопје како митрополит Злетовско‑струмички; по поделбата на епархијата, бил именуван за митрополит на Брегалничката епархија со седиште во Штип.

Во наредните години, покрај работата на Православниот Богословски Факултет, бил главен уредник на весникот „Црковен живот“, и ги вршел функциите ректор на Македонската Православна Богословија – Скопје во периодот 1991 – 1999 година и портпарол на Светиот архијерејски синод.

На Црковно‑народниот собор, одржан на 9.10.1999 година во Соборниот храм на древната Охридска Архиепископија „Света Софија“ во Охрид, бил избран, а на 10.10.1999 година востоличен како петти Поглавар на Македонската Православна Црква и оттогаш ја извршува должноста Архиепископ Охридски и Македонски и на Прва Јустинијана, а истовремено е и надлежен архијереј на Скопската Православна Епархија.

Во обраќањето до верниците г.г. Стефан го истакна значењето на сите македонски светители и нивната посебна заложба при изградбата на МПЦ – ОА, но тој го стави акцентот на „црквата која секој од нас ја гради внатре во себе“.

Од присутните граѓански претставници на литургијата беше Olivera Trajkovska, раководителка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи; други претставници на власта или опозицијата не присуствуваа.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи