Арин Агич — спортски психотерапевт во унгарскиот прволигаш ТФСЕ
Македонската гешталт психотерапевтка Арин Агич е новиот член на стручниот тим на ТФСЕ, продолжувајќи ја работата и со репрезентацијата до 18 години.

Арин Агич е назначена за спортски психотерапевт во унгарскиот прволигаш ТФСЕ, позиција која ја надградува нејзината долгогодишна врска со клубот и комбинира практично искуство на теренот со академска едукација и психотерапевтска пракса. Со клубот е поврзана речиси десет години и денес го носи знаењето стекнато како играчка, тренерка и терапевтка во функција на менталната поддршка на спортистите.
Патот: од кошаркарка до ментален тренер
Арин ја гради својата професионална приказна во преклоп на дисциплини: е гешталт психотерапевт, докторанд по социологија на спортот на Унгарскиот универзитет за спортски науки и долгогодишна учесничка во кошарката како играчка и тренерка. Пред десет години ја напушти Македонија и чекор по чекор ја изгради својата кариера во Унгарија — од играчка, преку помошен тренер, до денешната улога во првиот тим.
За мотивите и промените во професионалниот пристап, Агич вели: "Отсекогаш имав силна желба да им помагам на спортистите, но и на луѓето воопшто. Преку моето искуство како кошаркарка, а подоцна и како тренер, сфатив колку големо влијание има менталното здравје врз секој аспект од животот и спортот. Воедно, забележав дека токму тој дел честопати недостасува особено кај спортистите, кои секојдневно се соочуваат со голем притисок, очекувања, повреди, успеси и неуспеси. Тогаш сфатив дека сакам да го внесам и тој важен елемент во мојата работа и да им понудам поцелосна поддршка."
Од 2025 година таа е и помошен тренер во женската репрезентација на Македонија до 18 години, што дополнително ја потврдува нејзината посветеност на младите спортисти. Таа ја гледа работата со младите како клучна прилика да се постават навики за грижа за менталното здравје уште на почетокот од спортската кариера.
Во однос на најчестите психолошки предизвици кај врвните спортисти, таа посочува притисокот да останат на највисоко ниво, стравот од неуспех, повредите и падот на самодовербата. "Во тешките периоди спортистите понекогаш се повлекуваат и се изолираат, што може дополнително да ја отежни ситуацијата. Затоа, мојот главен совет е да не поминуваат низ тоа сами и да знаат дека не се сами. Првиот и најважен чекор е да побараат помош. Поддршка може да добијат од семејството, соиграчите и стручниот штаб, а особено од професионалците за ментално здравје. Барањето помош не е знак на слабост, туку важен чекор во грижата за себе", вели таа.
Агич нагласува дека во регионот се прават помали чекори кон вклучување на менталната подготовка во спортските структури, но дека е потребен системски и долгорочен пристап за таа поддршка да стане нормален дел од работата на клубовите и федерациите. За неа, новиот ангажман во ТФСЕ е „почеток на едно ново и возбудливо поглавје“ и шанса да ја унапреди благосостојбата и развојот на играчките и тимот.
Фото: архивата е на Арин Агич