Почетна
Македонија

Артан Груби ќе излезе од куќен притвор на 13 октомври 2026, одбрана понуди гаранција од 335.707 евра

Одбраната побара укинување на дополнителните мерки со имотна гаранција од 335.707 евра.

·Македонија
Артан Груби ќе излезе од куќен притвор на 13 октомври 2026, одбрана понуди гаранција од 335.707 евра

Поранешниот вицепремиер Артан Груби од 13 октомври 2026 година ќе го напушти куќниот притвор, бидејќи тогаш истекува законскиот рок од 60 дена за оваа мерка, соопшти Основниот кривичен суд – Скопје. Одбраната поднела предлог за укинување и на дополнителните мерки на претпазливост и понудила имотна гаранција во вредност од 335.707 евра.

Обвинението во случајот „Државна лотарија“ е поднесено на 13 август 2026 година. Согласно член 470 од Законот за кривичната постапка, притворот по обвинителниот предлог може да трае најмногу 60 дена од денот на неговото поднесување, поради што мерката куќен притвор за овој обвинет истекува на 13 октомври 2026 година.

Покрај куќниот притвор, на Груби му е определено и привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање патна или друга исправа за преминување на државната граница. Тие дополнителни мерки ќе продолжат да важат и по истекот на 60‑дневниот рок, додека судот не одлучи по друг начин.

Одбраната предлага гаранција од недвижен имот

Во согласност со член 150 од Законот за кривичната постапка, одбраната доставила предлог за укинување на ограничувањата со определување гаранција и како гаранција понудила недвижен имот вреден 335.707 евра. По понудата е оформен предмет и е доставен на мислење до надлежното јавно обвинителство, по што Кривичниот совет ќе постапи и ќе ја информира јавноста, наведуваат од судот.

Претседателката на Кривичниот суд, Даниела Димовска, потврди дека поранешниот прв вицепремиер од 13 октомври ќе се брани од слобода. „Единствено што можам со сигурност да кажам е дека без оглед на одлуката (на судот), истата ќе ја дочека на слобода. Притворот на Груби ситекува на 13 октомври. Лицето ќе продолжи да го следи процесот и да се брани од слобода,“ рече Димовска во гостување на поткаст.

Артан Груби е второобвинет во предметот „Државна лотарија“ за злоупотреба на службената положба и овластување. Обвинението против него и уште седум лица беше поднесено на 13 август 2026 година, а на судењето тој се изјасни дека е невин.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи