Почетна
Македонија

Автобуси нема — скопскиот јавен превоз во криза, надлежните ветуваат 150 нови автобуси

Патниците жалат на нередовни и неклиматизирани автобуси; надлежните најавуваат пристигнување на 150 нови возила, вклучително 30 електрични.

·Македонија
Автобуси нема — скопскиот јавен превоз во криза, надлежните ветуваат 150 нови автобуси

Скопје е во портокалова фаза со температури близу 40 степени, а многу од најавените автобуси не сообраќаат — патниците чекаат по половина час и подолго на постојките. Наместо да се разладат во климатизирано возило, тие се жалат на долги задоцнувања, нередовни линии и неточни информации во апликациите за следење.

Патниците велат дека официјалните возни распореди и прикажаното во живо често не се совпаѓаат со реалноста: на апликацијата е најавен автобус, но тој не пристигнува. „Искрено да кажам многу слабо поминуваат автобуси. Чекаме повеќе време, ама ги нема. Некогаш доаѓаат точно на време по распоред, некогаш пак ги нема“ — рече еден патник.

Друг патник од општина Чучер Сандево опиша дека „Не се редовни автобусите, особено кај нас во општина Чучер Сандево чекаме по саат до два. Не можеме да се симнеме накај центар. Ако мораме негде да отидеме тогаш одиме пешки по неколку километри“. Трети пак посочи: „Тоа што го пишува на огласната табла и во реалност не е исто. Многу се ретки како за главен град во споредба со тоа колкави се потребите на патниците“.

Пад на бројот на патници и состојбата со флотата

Последниот извештај на Државниот завод за статистика покажува намалување на бројот на превезени патници во второто тримесечје годинава за 8 проценти во однос на истиот период лани. Кај градскиот превоз падот е 11,9 проценти, кај приградскиот 9 проценти, додека меѓуградскиот превоз бележи пораст од 21 процент.

Експертите посочуваат дека состојбата со автобусите е дел од проблемот. Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажува дека ЈСП располага со 341 автобус, од кои исправни се само 185. „Претпријатието не работи со загуба или добивка, меѓутоа има непроменливи финансии што исто така сметам дека е показател на стагнација. Не може десет години да се отприлика исти приходите, тие треба да растат нормално со пораст на инвестиции итн. Така што се ова е поврзано и упатува на тоа дека опаѓа и квалитетот на превозот и бројот на патници и се тоа укажува дека треба да се преземе нешто итно“ — вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.

Надлежните пак како решениe го најавуваат обновувањето на флотата: од Министерството за транспорт најавија дека првите 30 нови електрични автобуси се очекува да пристигнат до крајот на оваа или почетокот на наредната година, а уште 120 автобуси да бидат доставени во период од една до една и пол година, со што вкупниот број на нови возила би изнесувал 150.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи