Почетна
Магазин

Бас ван де Гор: од олимписко злато до живот посветен на здравје и движење

Холандската одбојкарска легенда која во 1996 освои олимписко злато сега го посвети животот на промоција на движењето за лица со дијабетес.

·Магазин
Бас ван де Гор: од олимписко злато до живот посветен на здравје и движење

Бас ван де Гор (55) е меѓу најпознатите холандски одбојкари: олимписко злато, низа трофеи и години на врвни настапи. Но најважните победи во неговиот живот ги постигна далеку од теренот — во борбата со сериозни здравствени проблеми и во работата со луѓето кои се соочуваат со нив.

Во кариерата со репрезентацијата ги освојува највисоките одличја — злато на Олимписките игри во Атланта во 1996 година, сребро на Светското првенство во 1994 година, како и златни медали во Светската лига и на Европското првенство. На Олимпијадата во Сиднеј во 2000 година го прогласија за најкорисен играч (MVP) на турнирот, и поради доминацијата на теренот често го нарекуваа „одбојкарскиот Мајкл Џордан”.

Здравствените тешкотии почнуваат уште додека бил активен професионалец: во 1991 година му е дијагностицирана Фајферова болест (инфективна мононуклеоза), а четири години подоцна се среќава и со хепатитис А. Потоа следуваат поважни удари — во 2001 година преживува мозочен удар предизвикан од крвен згруток во мозокот, а во 2003 година добива дијагноза дијабетес тип 1.

Од дијагноза до фондација

Наместо да се повлече, ван де Гор го искористи сопствениот пример за да основа фондација која носи негово име. Нејзината главна цел е да го подобри квалитетот на животот на лицата со дијабетес преку спорт и редовна физичка активност — од пешачење до едноставни вежби, прилагодени за различни возрасти и нивоа на кондиција.

Кога во 2016 година е дијагностициран со рак на лимфните јазли и поминува низ хемотерапии, повторно се соочува со неизвесност. По третманите во 2017 година ја добива битката со болеста и продолжува да работи на промоција на активноста како начин за одржување и враќање на здравјето. Во 2022 година доживува и повреда — скршен колк при возење велосипед — но тоа не ја сопира неговата посветеност.

„Активност, тоа е клучниот збор. Сакаме сите да бидеме активни. Тука сме да ви помогнеме, да ве научиме на основите и потоа сето тоа да го правиме заедно и заедно да учиме. Имаме активности и за помлади и за постари, сите можат да се движат. Дојдете, прашајте, тука сме за вас”, порачал Ван де Гор.

Неговиот пример покажува дека спортот може да биде многу повеќе од професионално натпреварување — може да стане алатка за поддршка и мотивација за илјадници луѓе кои живеат со хронични заболувања.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи