Почетна
Македонија

Базенот „Борис Трајковски“ во Скопје затворен, реконструкцијата ќе трае до две години

Клубовите се преселија во приватен Олимписки базен по повисоки цени; мал базен во партизан ќе се користи од 1 октомври.

·Македонија
Базенот „Борис Трајковски“ во Скопје затворен, реконструкцијата ќе трае до две години

Базенот во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје е затворен поради оштетувања од невреме и нема да биде реновиран годинава, поради што клубовите и семејствата ги префрлија тренинзите во приватниот Олимписки базен по значително повисоки цени.

Во Скопје нема друг олимписки базен кој го стопанисува државата или општините. Во јуни беше свечено отворен базенот во склоп на салата „Партизан“ во Општина Карпош, но тој има длабочина од 0,80 до 1,20 метри, ширина од 9 метри и должина од 25 метри и уште не работи во полн капацитет.

Олимпискиот базен „Центар“ е даден на концесија на приватна фирма, а клубовите кои се префрлија таму велат дека цените за рекреативно пливање и за тренинзи се приближно дупло повисоки. “Моите две деца тренираат пливање. Во 'Борис Трајковски' за двете деца плаќав 5.500 денари месечно, а сега откако се префрлија во Олимписки плаќам 10.000 денари. Ај што е поскапо туку е и тепачка за патека за пливање оти има многу деца”, вели скопјанка чији деца тренираат пливање неколку години.

Причина и рокови

Базенот „Борис Трајковски“ беше затворен во јули откако во невремето беше однесен кровот. Директорот на базенот, Даниел Апостоловски, тогаш изјави дека нема да се поправа само кровот, туку базенот ќе биде целосно реконструиран и дека работите ќе траат околу година и пол.

Иако беше најавено дека тендерот за избор на изведувач ќе биде распишан во август и дека градежните работи ќе започнат во ноември, тендерот сè уште не е распишан. Поради тоа, реновирањето нема да почне оваа година и се очекува базенот да остане затворен околу две години.

За да се надмине ситуацијата, директорот на Пливачката федерација, Сашо Лазаревски, рече дека од 1 октомври базенот во склоп на салата „Партизан“ ќе биде ставен на располагање за тренинзи на клубовите. “Тој е помал базен, има само четири патеки и таму ќе тренираат помалите деца од клубовите. Цените ќе бидат како во 'Борис Трајковски'. За ватерполо екипите и пливачките клубови склучивме договор со Олимписки базен. Станува збор за приватен базен и затоа цените се повисоки“, изјави Лазаревски.

Тренерите и родителите предупредуваат дека недостигот од јавни тренинг-простории и повисоките трошоци во приватните објекти ќе го оптоварат буџетот на клубовите и семејствата додека трае реконструкцијата.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи