Базенот во Кисела Вода не работи повеќе од една година по свеченото отворање
Општината вели дека се прават финални технички подготовки и ќе го предаде на Пливачката федерација

Во основното училиште „Невена Георгиева-Дуња“ во Општина Кисела Вода затворениот базен сè уште не е во редовна употреба иако свечено беше пуштен во употреба во јули 2025, на настан на кој присуствуваа тогашниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, министерот за спорт Борко Ристовски и премиерот Христијан Мицкоски.
Овaт објект е дел од проектот за изградба на пет базени низ државата што започна во 2019 година преку поранешната Агенција за млади и спорт. На свеченото отворање беше најавено дека приоритет во користењето ќе имаат учениците од училиштето-домаќин и другите основни училишта во општината, а подоцна базенот ќе биде достапен и за спортските клубови и за јавноста.
„Приоритет ќе имаат учениците од ООУ ‘Невена Георгиева Дуња‘, како и учениците од другите основни училишта на подрачјето на Општина Кисела Вода. Потоа базенот ќе биде достапен и за спортските клубови и за граѓаните“, рече Ѓорѓиевски на свеченото отварање во јули 2025.
Кражба, но и технички подготовки пред предавање на управување
Од отворањето помина повеќе од една година, но базенот се уште не работи. Неколку месеци по отворањето од базенот биле украдени реквизитите за пливање и дел од опремата, но општинските власти велат дека тоа не е причина за продолжениот застој.
„Општина Кисела Вода веќе потпиша Меморандум за соработка со Пливачката федерација на Македонија, која по завршувањето на овие подготовки целосно ќе го преземе базенот. Клучен приоритет на Општината во овој процес е обезбедувањето на услови објектот да им стои на располагање и на учениците од нашите општински основни училишта. Базенот наскоро ќе биде отворен за користење, а јавноста и медиумите ќе бидат навремено и официјално известени за точниот датум на отпочнување со работа“, велат од Општина Кисела Вода.
Потребата базенот да биде ставен во функција се почувствува дополнително откако базенот во склоп на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје беше затворен за две години за целосна реконструкција поради оштетување на покривот во невреме. Децата и спортистите кои тренираат пливање и ватерполо сега тренираат во Олимписки базен управуван од приватна фирма, каде што цените за тренинг пораснаа од 3.000 денари на 5.000 денари месечно. Родителите тврдат дека Олимпискиот базен нема капацитет да ги прими сите пливачи и дека помалите базени се користат за да се растерети притисокот — што дополнително го потенцира значењето на ставањето во функција на базенот во Кисела Вода.
Фото: Министерство за спорт)


