Почетна
Македонија

„Бела ноќ 2026“ во Скопје – концерти, изложби, перформанси, настапи на диџеи и програма за најмладите

Концерти, изложби, ди-џеи и програма за деца на повеќе локации, со продолжено работно време на локалите и бесплатен автобуски превоз и влез во зоолошката градина.

·Македонија
„Бела ноќ 2026“ во Скопје – концерти, изложби, перформанси, настапи на диџеи и програма за најмладите

Скопје вечерва ќе биде дел од „Бела ноќ 2026“ – на повеќе локации во градот ќе се одржат концерти, изложби, перформанси и настапи на ди-џеи, а вкусни вести за посетителите се продолженото работно време на угостителските објекти, бесплатниот јавен превоз и бесплатниот влез во Зоолошката градина.

Манифестацијата ја организира ЈУ „Универзална сала“ и Град Скопје и годинава има за цел да ги поврзе градските плоштади, улици, музеи и галерии во една заедничка ноќ на културата.

Главни настани и локации

На плоштадот „Мајка Тереза“ (платото пред МОБ) програмата почнува во 18:00 часот со настап на детскиот фестивал „Поточиња“, а во 18:45 часот следува интерактивниот театар за деца „Театар за тебе“. Од 19:30 часот ќе настапи ди-џеј Боно, во 20:30 часот настапува „Допамин бенд“, а во 22:00 на сцената ќе бидат Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“. Од полноќ музичката програма продолжува со ди-џеите Тами у Тошев.

Кај фонтаната „Лотус“ во Градскиот парк ќе се одржи електронска програма: почеток во 20:30 часот со Флодер и Васо, во 22:00 часот ди-џеј Веки-Флуере, а од полноќ настапува Инвиктоз-Семпре.

На платото пред Музејот на современата уметност од 20:00 часот ќе се одржи „In between 04“ со берлинскиот ди-џеј Ају, како и ди-џеите Пенева, Стефан Странге, Боле и Лука. На „Боемска улица“ ќе биде „Боемска бела ноќ“ со младиот Владмир Поповски и бенд и ди-џеј Тоше Вељанов.

Покрај музичките содржини, „Бела ноќ“ нуди и изложби и мултимедијални проекти: во Домот на градежниците ќе биде претставена самостојната изложба на Марија Рашковиќ и групната изложба „Вортекс“, во Чифте амам ќе биде изложбата „Пресек“ на Ирена Паскали, а во „Мала станица“ мултимедијалната изложба „Меѓу светови“ на Воскресија Андреевска.

Дел од настаните почнуваат веќе преку ден: во Детскиот културен центар „Карпош“ ќе има изложба на детски ликовни творби, во Паркот на поезијата при Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе се одржи креативната работилница „Нацртај песна“, а во 19:00 часот ќе се отвори изложбата „Види ја поезијата“ која ги поврзува литературата, имагинацијата и визуелното изразување.

Археолошкиот музеј ќе им овозможи на посетителите бесплатен влез и ќе ја понуди содржината „35 предмети, 35 приказни“, отворајќи простор за запознавање со културното наследство и приказните што ги чуваат музејските предмети.

Локациите на „Бела ноќ 2026“ вклучуваат: Младинскиот културен центар, Мостот на уметноста, Старата скопска чаршија, Музејот на град Скопје, „Аудио култура“ и улица „Македонија“. За ноќта, работното време на угостителските објекти на подрачјето на Град Скопје се продолжува за два часа, превозот со автобусите на ЈСП „Скопје“ ќе биде бесплатен од 18:00 до 05:00 часот утре наутро, а бесплатен ќе биде и влезот во Зоолошката градина.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи