Почетна
Свет

Белата куќа и технолошките гиганти во спор како да се одговори на кинескиот технолошки напредок

Кинеските модели со отворен код и масовното производство на AI-чипови ја раздвижија пазарната вредност и ја разделија американската политика и технолошкиот сектор.

·Свет
Белата куќа и технолошките гиганти во спор како да се одговори на кинескиот технолошки напредок

Белата куќа и водечките технолошки компании се во остар судир околу тоа како да се одговори на брзиот напредок на кинеската вештачка интелигенција, производство на чипови и роботиката, додека веќе се преземени конкретни мерки во секторот за роботика.

Главниот притисок доаѓа од кинеските модели со отворен код кои може да се симнат бесплатно, особено „Кими К3“ на компанијата „Муншот АИ“. Овие модели нудат перформанси споредливи со производите на „ОпенАИ“ и „Антропик“, но без високите трошоци што ги бараат некои американски ривали.

Развојот ги потресе и берзите: информацијата дека во Кина започнало масовно производство на специјализирани чипови за вештачка интелигенција предизвика пад на вредноста на акциите на глобалните производители за повеќе од еден трилион долари.

Внатрешни подели и лобирања

Поделеноста е видлива и во Белата куќа и во Силиконската долина. „ОпенАИ“ и „Антропик“ предупредуваат на безбедносни ризици од кинеските модели, додека производителите на чипови гледаат можност за поголема заработка ако технологијата се прошири масовно. Стартапите кои користат поевтини модели се против ограничувањата на пристапот.

Секретарот за финансии Скот Бесент најави можност за воведување санкции против кинески компании поради наводи за кражба на интелектуална сопственост. Истовремено, водечките технолошки гиганти — „Мајкрософт“, „Нвидија“, „Палантир“ и „Мета“ — побараа од законодавците да не воведуваат ограничувања за моделите со отворен код. Извршниот директор на „Енвидија“, Џенсен Хуанг, исто така лобираше во Конгресот против рестрикциите.

Трамп вели дека властите мора внимателно да пристапат кон прашањето за регулација на секторот. "Мораме да бидеме претпазливи. Не сакаме да воведиме ограничувања и одеднаш да завршиме на второто место зад Кина. Познавам многу од овие луѓе и не сакам да ги спречувам во нивната работа", изјави Трамп.

Паралелно, Сојузната комисија за комуникации (ФЦЦ) изгласа забрана за увоз на хуманоидни роботи од кинески производители, како што е компанијата „Унитри“, оценувајќи ги како ризик за националната безбедност поради сомневања за шпионажа и собирање податоци.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи