Почетна
Македонија

„Безбеден град“ сѐ уште не ги бележи странските таблици — многу прекршоци остануваат неказнети

МВР најавува почеток на работа на Табановце и проширување на граничните премини, но не утврди конкретен рок; до тогаш странските возачи во голем дел избегнуваат автоматски казни.

·Македонија
„Безбеден град“ сѐ уште не ги бележи странските таблици — многу прекршоци остануваат неказнети

Ако имате странска регистрација и возите побрзо од дозволеното во Македонија, автоматските камери од системот "Безбеден град" засега најчесто не ќе ве евидентираат — тие до сега ги бележат само домашните таблички. Овој недостаток станува особено видлив во летниот период, кога низ земјава транзитираат илјадници странски возила и голем дел од прекршителите ја напуштаат државата пред да им се издаде казна.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека системот прво ќе почне да функционира на Граничниот премин Табановце, а потоа ќе се примени и на другите гранични пунктови, но не даваат конкретен рок за тоа „наскоро“.

"Системот ‘Безбеден град’ деновиве ќе започне со функционирање на Граничниот премин Табановце, каде на сите возачи на возила со странски регистарски таблици кои истиот ги евидентирал дека сториле прекршок или кривично дело на територија Република Северна Македонија, ќе им се соопшти дека сториле прекршок, ќе им се издаде Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог, по што ќе им се понуди да платат или ќе бидат изведени до надлежен суд по брза постапка. Овој начин на функционирање наскоро ќе започне да се применува на сите гранични премини", велат од МВР.

Додека не се разјасни како ќе се спроведуваат платните налози и брзите судски постапки, единствени кои можат да ги сопрат и санкционираат странските возачи остануваат сообраќајните полицајци, т.н. пресретнувачи, стационирани на патот.

Што покажуваат бројките

МВР тврди дека пресретнувачите се дежурни покрај клучните транзитни рути — коридорите 8 и 10, но поради обемот на летниот сообраќај физички е невозможно да се откријат сите прекршоци, па затоа беше воспоставен "Безбеден град". Камерите од овој систем за првите пет месеци уловија над 120.000 прекршоци, од кои дури 95 отсто се за брзо возење.

"'Безбеден град' опфати модернизација на постојниот систем во Скопје, Тетово, Куманово, коридорите 8 и 10 и негово проширување на национално ниво, преку воведување современи технологии за видео надзор и автоматско детектирање на сообраќајни прекршоци. Од почетокот на неговата примена, на 2 февруари 2026 година, во првите пет месеци е забележано намалување на бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди за 40 проценти, односно 33 загинати лица, наспроти 55 во истиот период од претходната година", рече ресорниот министер Панче Тошковски.

МВР исто така предупреди граѓаните да не отвораат лажни пораки што тврдат дека се од "Безбеден град" и да не споделуваат лични податоци, туку да ги проверуваат известувањата преку официјалните канали.

Фото: Слободен печат

Поврзани написи