Битиќи до Владата: Каква алтернатива нудите откако го одбивте предлогот за минимална плата од 600 евра?
Пратеникот на СДСМ побара писмен одговор и ја критикуваше пресметката на Министерството за економија за потрошувачката кошница.

Пратеникот од редовите на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања упати критики до Владата за економските политики и побара писмен одговор откако парламентарното мнозинство го одби предложениот Закон на СДСМ за зголемување на минималната плата на 600 евра. Барањето го изнесе во отсуство на министерката за финансии Гордана Димитриеска‑Кочоска.
Битиќи предупреди дека граѓаните се соочуваат со сѐ поголем јаз помеѓу примањата и трошоците за живот и посочи дека податоците на синдикатите јасно покажуваат постепено слабеење на куповната моќ.
Броеви што покажуваат растечки недосег
„Во ноември 2023 година беа потребни 2,2 минимални плати за покривање на синдикалната кошница, додека во септември 2026 година се потребни 2,7 минимални плати, односно дури 3,26 минимални плати ако се пресмета и киријата. Септемвриската кошница од 69 432 денари бара 2,7 минимални плати од 26 046 денари. Тоа значи дека две минимални плати оставаат недостиг од 17 340 денари месечно за основните трошоци, и тоа без кирија. Само храната и пијалаците чинат 25 259 денари, што е 97 отсто од една минимална плата“, нагласи Битиќи од собраниската говорница.
Тој посочи дека забавувањето на општата инфлација не значи дека цените се вратиле на претходното ниво или дека граѓаните го вратиле изгубениот стандард. Наведе дека во 2025 година храната поскапела за 5,2 проценти, што е 1,1 процентен поен над општата инфлација од 4,1 процент, а и во септември годинава, и покрај инфлацијата од 2,7 проценти, храната поскапела дополнително за 0,5 проценти за само еден месец.
Битиќи ја критикуваше и пресметката на Министерството за економија, кое објави просечна потрошувачка кошница за август од 58 475 денари – износ за кој рече дека е за 10 200 денари понизок од она што го пресметале синдикатите.
„Министерството за економија одлучи да прави 'розови' математики во јавноста. И според нивната просечна потрошувачка кошница, две минимални плати се недоволни и недостигаат 6 383 денари. Не може мерка за животниот стандард да биде само статистиката, туку реалната можност на граѓаните достоинствено да ги задоволат основните потреби. Владата мора да понуди конкретни решенија наместо да ги отфрла предлозите за повисоки плати“, порача Битиќи.
СДСМ по третпат го поднесе предлог‑законот за минималната плата од 600 евра, а пратеникот го искористи собраниското обраќање за да побара јасни и конкретни мерки од Владата за справување со падот на животниот стандард.
Фото: прес-материјал од настанот


