Битола: Три подрачни училишта во мирување, оптимизација на 13 паралелки
Во мирување се ставаат три подрачни училишта, а 13 паралелки во осум училишта се оптимизираат по насоки на МОН.

Три подрачни училишта во Општина Битола — во селата Породин, Канино и Дихово — ќе се стават во мирување во претстојната учебна година, соопшти општината. Истовремено, по насоки на Министерството за образование и наука (МОН) се оптимизираат 13 паралелки во осум основни училишта, во прво и шесто одделение.
Градоначалникот: Училиштата не се затвораат, туку се вон функција привремено
Градоначалникот Тони Коњановски на прес‑конференција рече дека ова е прва година во која во битолските училишта се спроведува процесот на оптимизација (рационализација) и дека почнува од прво и шесто одделение. Во тие паралелки ќе се обезбеди број на ученици над законскиот минимум — односно над 20 ученици. Другите одделенија годинава нема да бидат опфатени и ќе може да работат по старо со помал број ученици од 20.
„Да напомениме дека подрачните училишта не се затвораат, тие се ставаат во мирување. И тоа секако во согласност со родителите. Доколку има и едно дете за кое родителот искажува волја да продолжи само да учи во тоа училиште, ние тоа и го почитуваме. За учениците каде школите се во мирување ќе се обезбеди наставен процес во најблиското училиште и превоз дотаму“, рече Коњановски.
Општинскиот Сектор за образование информира дека годинава во Општина Битола се запишани 665 првачиња, што е за 4 повеќе од лани. Но, според списоците на Министерството за внатрешни работи (МВР) во училишните клупи во прво одделение требаше да седнат 853 ученици — односно за 188 повеќе од моментално запишаните. Според општината, разликата се должи делумно на тоа што уште трае процесот на запишување и на семејства кои времено живеат во странство, а можат да се вратат и да ги запишат децата.
Во пет подрачни училишта годинава нема запишани првачиња, но тие училиишта ќе останат да работат затоа што има ученици во другите одделенија и затоа што се живи села — можно е во следната година да има упис на нови ученици. Интересен момент во процесот е што две подрачни училишта ќе функционираат со по еден ученик како единствен ученик во целото училиште.
„Имаме две подрачни училишта во кои имаме само по еден ученик, но по барање на родителите учениците остануваат во тие подрачни училишта и ќе функционираат со по еден ученик. Тоа се училиштата во Поешево и Кременица“, изјави советничката за образование при Општина Битола, Наташа Ташкова‑Поповска.
Коњановски нагласи дека со оптимизацијата нема да биде загрозено работното место на ниту еден наставник и дека оваа година нема да биде преместен образовен асистент. „Инаку, вкупниот број на ученици во основното училиште во општина Битола е 6.903. Во средните во учебната 2026/2027 година вкупно во прва година се запишани 698 ученици. Во претходната учебна година бројот на ученици во прва година беше 709. Тоа значи помалку 11 ученици. Вкупниот број во средното образование на ученици во оваа учебна година 2026/2027 е 2.914, за разлика од изминатата учебна година 2025/2026 кога имавме 2.912 ученици“, рече Коњановски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА
Фото: СДК.МК)


