Босна и Херцеговина денес гласа, изборниот ден нарушен од застои
За првпат воведена биометриска идентификација и скенирање; отворањето на стотици избирачки места било одложено и тоа го отежнува изборниот ден.

Босна и Херцеговина денеска гласаше на избори од кои многумина граѓани очекуваа промени — но денот на гласање беше нарушен од проблеми откако за првпат во процесот беше воведена биометриска идентификација и скенирање на гласачките ливчиња.
Од раните утрински часови на избирачките места се чекаше во редици. За прв пат на изборите во земјата, гласачите се идентификуваат биометриски, а пополнетите гласачки ливчиња се скенираат на самото место како дел од процесот.
Новата технологија предизвика застои на повеќе избирачки места. Во Република Српска, според МВР, 201 места не биле отворени навреме во 7:00 часот наутро, а само во Зеничко‑добојскиот кантон отворањето на најмалку 70 места било одложено, покажуваат извештаите и сведоштвата на гласачи.
“Видете, да ви кажам. Што можам да очекувам од изборите? Јас дојдов овде и порано за да го дадам својот глас, веќе чувствувам одредено незадоволство. Ако некој ова досега го подготвувал… се надевам, еве ние граѓаните можеме само да живееме во надеж. Се надевам дека со изборот сега на тие некои други, за наредните избори системот ќе биде малку подобар.“ — Бекир Шушко, гласач во Сараево.
Недоверба, економски грижи и сложен период по изборите
Незадоволството од политичката елита е длабоко. Како жители на една од поранливите економски позиции во Европа, граѓаните најчесто зборуваа за економијата, платите, иселувањето и иднината на младите. Предизборната кампања повторно беше обележана со етнички и национални прашања.
“Ете, се надевам дека ќе биде подобро, затоа што полошо и не може да биде. Треба да биде подобро, затоа и дојдовме, да покажеме солидарност. Ете тоа го очекувам, а што ќе биде, тоа ќе видиме“ — Михајло Вратишиќ, гласач во Сараево.
Аналитичарите предупредуваат дека вистинскиот тест нема да биде само кој ќе освои најмногу гласови, туку сложениот процес на формирање власт. Резултатот ќе биде важен и за европскиот пат на земјата: Босна и Херцеговина има кандидатски статус за членство во Европската Унија, но реформите потребни за напредок се движат бавно. По изборите ќе стане јасно дали новите власти ќе успеат да ги стават економијата и животниот стандард пред политичките конфликти.
Кој ќе победи ќе се знае по затворањето на избирачките места. На изборите учествуваат повеќе од 75 политички партии, повеќето организирани по етничка линија, во Република Српска и во Федерацијата Босна и Херцеговина. Двата ентитета се поврзани преку заедничките државни институции — трочленото Претседателство и Парламентот.
„Нов Претседател и што е можно повеќе млади луѓе. А овие старите.“
„Нека победи подобриот. Гласаме, и ќе биде како што ќе биде. Отсекогаш е така. И по изборите или се каеме или не се каеме. Некои се задоволни, некои незадоволни, така отсекогаш било,“ велат гласачите.
Никола Илиевски
Фото: прес-материјал од настанот


