Божиновска и Петрова разговарале за продлабочување на енергетската соработка меѓу Македонија и Бугарија
На маргините на самитот во Белград министерките ја отворија темата за интерконекции, батерии и заедничко финансирање на регионални енергетски проекти.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на маргините на Вториот министерски самит на Македонија, Бугарија, Грција и Србија во Белград оствари билатерална средба со нејзината бугарска колешка Ива Петрова, на која разговараа за продлабочување на енергетската соработка.
Во фокусот на разговорите беа конкретни проекти и поцврсти врски меѓу компании и институции од двете земји. Особено беше нагласена потребата од поинтензивна соработка меѓу МЕПСО, НОМАГАС и МЕМО и нивните соодветни партнери во Бугарија за размена на знаења, технички искуства и за развој на конкретни заеднички активности.
Интерконекции, батериски системи и пазарна интеграција
На средбата беше разгледана и иницијативата исток–запад, во чиј рамки се предвидува изградба на дополнителна интерконекција меѓу македонскиот и бугарскиот електропреносен систем, како и можни идни надградби на постојната интерконекција со Грција за зајакнување на регионалните протоци и сигурноста на снабдувањето.
Една од посебните теми беа батериските системи за складирање електрична енергија. Божиновска побара искуства од Бугарија во делот на техничките решенија, регулативата, финансирањето и реализацијата на ваквите проекти, а Петрова ја изрази подготвеноста да ги сподели искуствата, експертизата и техничките знаења со македонските институции и компании.
„Во рамки на средбата беше опфатена и темата енергетска сиромаштија, при што беа разменети искуства за мерките и политиките што можат да придонесат за обезбедување подостапна и сигурна енергија за граѓаните. Министерките разменија мислења за идните енергетски планови и проекти на двете земји и нивното поврзување со регионалните приоритети. Разгледана беше и можноста за заеднички настап пред меѓународни финансиски институции и донатори за обезбедување средства за стратегиски и регионално значајни енергетски проекти“,
соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Министерките исто така разговарале за продолжување на започнатата соработка насочена кон подобро поврзување на електроенергетските пазари и унапредување на прекуграничната размена на електрична енергија, со цел заеднички да аплицираат пред меѓународни финансиски институции за поддршка на стратешки регионални проекти.
Фото: МИА


