Божиновска: Правиме сѐ за да нема ценовни шокови за граѓаните
Министерката вели дека институциите го следат производството и резервите и дека се разгледуваат опции со регулаторот и регионалните партнери.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, изјави дека Владата ќе преземе сѐ за да се избегнат ценовни шокови за граѓаните и за да има сигурност во снабдувањето со електрична енергија. Таа посочи дека акумулациите во моментов се на околу 40 отсто, што е добра бројка за овој период од годината, во споредба со приближно 70 проценти летоска.
Божиновска рече дека институциите ги следат резервите и производството и дека се координираат со државните енергетски субјекти за да се обезбеди стабилност на снабдувањето. Таа нагласи дека Владата ќе се обиде да ја минимизира ценовната нестабилност, но дека постојат надворешни ризици кои не може целосно да ги контролира.
„Ние како Влада правиме сѐ да нема некакви ценовни шокови за граѓаните, бидејќи во првиот тарифен модел се наоѓа најголемиот број од населението, значи околу 80 проценти. Ќе направиме сѐ да нема некакви поскапувања, меѓутоа знаете дека постојат незивесности. Еве, видовте војната во Иран што може да предизвика на глобално ниво. Некои работи ние едноставно не можеме да ги контролираме, но што се однесува до производството, ќе направиме сѐ за да биде на одлично ниво, односно ќе гледаме да нема некакви ценовни шокови“, изјави министерката.
Анализи за евтината тарифа и регионална соработка
Во врска со можноста за продолжување на периодот со евтина струја следната година, министерката рече дека Регулаторната комисија за енергетика прави анализи. Таа додаде дека бројот на фотоволтаици и промени во пазарната структура треба да се земат предвид и најави средба со претседателот на регулаторната комисија за да ги разгледаат опциите.
Божиновска учествуваше на Вториот министерски самит за енергија во Белград, каде што оствари и билатерална средба со бугарската министерката за енергетика, Ива Петрова. На средбата се дискутираа продлабочување на соработката во областа на батериските системи за складирање енергија, подобрување на поврзувањата и прекуграничната размена, како и заедничко интервенирање пред меѓународните финансиски институции за стратешки енергетски проекти. Таа посочи дека се интензивира поврзувањето меѓу МЕПСО, НОМАГАС и МЕМО со нивните партнери во Бугарија за поголеми преносни капацитети и подобро интегрирани пазари.
Фото: прес-материјал од настанот


