Британец обвинет за планирање саботажи во фабрики за беспилотни летала
Обвинителите во Лондон велат дека 31-годишниот Камиџ дал информации за четири фабрики во Свиндон и контактирал со „Волонтерскиот корпус на ГРУ“.

Британец е обвинет во Централниот кривичен суд во Лондон за наводно планирање саботажи на фабрики за беспилотни летала во Англија, со помош на лица поврзани со руските разузнавачки служби.
31-годишниот Џошуа Камиџ е обвинет за директно помагање на странска разузнавачка служба, што според обвинението претставува кршење на Законот за национална безбедност. На првото појавување пред судот тој се изјасни за невин и останува во притвор.
Камиџ доби наредба да се појави повторно пред Централниот кривичен суд во Лондон на 25 септември. Обвинителот Ворен Станиер изјави дека Камиџ бил во контакт со наводен претставник на „Волонтерскиот корпус на ГРУ“, група поврзана со руската воена разузнавачка служба.
Каква беше наводната улога
„Главната тема на нивните комуникации беа локациите на фабриките за беспилотни летала во Обединетото Кралство и планирањето да ги саботираат“, рече Станиер. „Тој точно знаеше со кого комуницира и какви се последиците од она што го нудеше“, додаде тој.
Според обвинението, помеѓу март и почетокот на септември, Камиџ дал информации за четири локации за производство на беспилотни летала во неговиот роден град Свиндон, западно од Лондон.
Во јули, Обединетото Кралство ја прогласи „Волонтерскиот корпус на ГРУ“ за закана за националната безбедност. Новиот закон го забранува поддржувањето на оваа организација и предвидува казна до 14 години затвор за оние кои ѝ помагаат. Британските власти го сметаат ГРУ за одговорна за низа непријателски активности против земјата и сојузниците.
Фото: прес-материјал од настанот


