Брвеница гласа в недела: зошто ова не се обични избори за градоначалник
Шест кандидати со ветувања за патишта, градинки и комуналии во општина со мнозинство Албанци (54,06%).

По ненадејната смрт на градоначалникот Јовица Илиевски, Општина Брвеница излегува на избори за нов градоначалник: Илиевски, кој во 2021 и во 2025 година победи неочекувано на изборите, почина ненадејно во јуни годинава. Резидентното население во Брвеница е мнозински албанско (54,06%), потоа македонско (45,38%), но на последните две редовни локални избори победи кандидат Македонец.
„Првиот круг ќе биде анкета за рејтингот на политичките партии, а вториот ќе биде тест и за владејачката коалиција и за евентуални нови партнерства на државно ниво,“ вели аналитичарот и новинар Џелал Незири.
Кандидати и ветувања
Во трката за градоначалник на општина Брвеница се шест кандидати. Меѓу нив се Стојанчо Радичевски (коалиција предводена од ВМРО‑ДПМНЕ) со слоганот „Една Брвеница за сите“, Јовица Радески (коалиција предводена од СДСМ) со слоганот „Се бориме за Брвеница“, Јакуп Хусеини (ВЛЕН) со мотото „Еден глас за Брвеница“, и Аркин Јахији од Националната алијанса за интеграција предводена од ДУИ.
Стојанчо Радичевски, дипломиран правник и магистер по правни науки, нагласува социјални проекти и инвестиции во услуги за деца: „Еден од главните проекти во моментов е детската градинка којашто треба да се гради во населеното место Челопек. Понатаму, доизградба на градинката во Брвеница, со тоа што ќе се зголеми постојната за отприлика 50 дечиња кои ќе можат да се згрижат во неа. Понатаму во оваа сфера ќе се гради уште една детска градинка,мислам дека ќе е во населеното место Радиовце, за да ги поврземе останатите населени места: Стенче, Волковија, Теново и Радиовце.“ На прашањето дали очекува поддршка од Албанците, тој рече: „Секако, ја продолжуваме традицијата, односно ги негуваме меѓуетничките односи. Јас имам многу Албанци коишто ми се драги пријатели и со кои пиеме кафе секојдневно, таа традиција ќе продолжи да се негува и понатака. Очекувам поддршка и од Македонците, и од Турците, и од Албанците и сите што живеат на територијата на нашата општина.“
Кандидатот на СДСМ, Јовица Радески, ветеринар со две децении искуство, ја става во фокусот инфраструктурата и социјалната грижа: „Во нашата програма еден дел е за фекалната канализација во селото Волковија, во 21 век тие сè уште се соочуваат со тој проблем,тоа ќе ни биде од првата година што сакаме да го реализираме. После планираме старечки дом во селото Челопек. Исто така, сакаме да направиме пешачка и велосипедска патека на потегот од гробиштата до Вардар и да ја осветлиме целата, и да направиме капела во село Брвеница.“ Тој додава дека, бидејќи веќе 20 години е меѓу сограѓаните, очекува поддршка и од Албанците и од Македонците.
Јакуп Хусеини, магистер по право и вработен во општината шест години, ја гради својата програма на четири столба: „Првиот столб е транспарентност, односно транспарентно владеење, каде буџетот ќе се креира преку форуми на заедниците во сите населени места. Отворено ќе им покажеме колкав е буџетот, од каде очекуваме финансии, колку се наши, сопствени, а колку надворешни. И сигурно на крајот на годината ќе дадеме отчет за сработеното и за направените трошоци. Втор столб е младината, економијата и развојот. Следниот столб се дијаспората и можностите за развој, и на крај, животната средина и инфраструктурните потреби на нашата општина.“
Во разговори со жители низ општината доминираат практични барања: поправка на патишта, јасни знаци и подобри комунални услуги за да се спречи масовното иселување на младите. Како што рече еден жител од Челопек: „Да се направат патиштата малку подобри, состојбата на населението да биде подобра, на учениците, на училиштата. Инфраструктурата треба да биде подобра. Младите ни заминаа во странство, тоа е многу лошо. Селото е испразнето, куќите се празни.“ Друг жител додава: „Многу патишта што водат кон ниви се зафатени, населението се занимава со тие полски работи. Значи тие да се исчистат, да се исправат за населението слободно да се движи низ нив. Недостасуваат знаци во секое населено место. На пример, ако ни дојде некој странец, нема да знае како да се ориентира во село без знаци.“
Фото: прес-материјал од настанот


