Business Leader 2026 ги обедини лидерите на македонската економија: околу 600 гости во Македонската филхармонија
На третото издание на Business Leader беа доделени награди за 2026 година, меѓу кои Premium Business Leader за Сава пензиско друштво.

Третото издание на Business Leader синоќа собра околу 600 претставници на бизнис-заедницата, институциите и дипломатскиот кор во Македонската филхармонија, а вечерта заврши со доделување на Business Leader признанијата за 2026 година.
Од макроекономијата до вештачката интелигенција
Настанот пред свечениот дел вклучи конференциски програма посветена на макроекономијата, технологијата, податоците и вештачката интелигенција, со макроекономска анализа и три панел-дискусии во кои учествуваа претставници на бизнис-заедницата, институциите, технолошкиот сектор и академијата. Една од дискусиите, „Бизнисот во 2030: Податоци, AI и компании без слепи точки“, отвори прашања за тоа како податоците и AI ќе влијаат на одлучувањето и како компаниите треба да се подготват за дигиталната трансформација.
Организаторите истакнаа дека компаниите претставени во салата заедно создаваат повеќе од две милијарди евра приходи и вработуваат повеќе од 50.000 лица, што ја нагласува важноста на собирот како рефлексија на значаен дел од македонската економија.
На централната церемонија се обратија основачот на Business Leader, Огнен Огненоски, генералниот извршен директор на Халкбанк АД Скопје, д-р Фатих Шахбаз, и претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски. Како што порача Огненоски: "Македонија можеби е мала на светската карта. Но големината на една земја не се мери само во квадратни километри. Се мери и според она што нејзините луѓе се способни да го создадат. А вечерва, кога гледам во оваа сала, гледам доказ дека Македонија има свои високи врвови."
Business Leader признанијата се засноваат на анализи и податоци на Бизнис Мрежа, која е организатор и аналитички партнер. Годинава признанија добија компании од индустријата, трговијата, фармацијата, технологијата, телекомуникациите, финансискиот сектор, логистиката и здравството.
Специјалното признание „Стартап на годината 2026" го понесе FACTUM — компанија која во две години порасна од околу 7.000 евра годишен приход до бизнис што се движи кон 400.000 евра годишен повторлив приход и има повеќе од 500 активни корисници.
Највисокото признание, Premium Business Leader 2026, му припадна на Сава пензиско друштво АД Скопје, избрано поради тројната последователна година со највисока бонитетна оцена меѓу македонските компании. Признанието симболично го додели проф. д-р Златко Јаќовски, а го прими претседателката на Управниот одбор, Снежана Станковиќ.
Програмата ја водеше Игор Џамбазов, а музичкиот дел го предводеше Џијан Емин со оркестар. На крајот на церемонијата сите добитници застанаа заедно на сцената, а пораката на организаторите беше дека секој достигнат врв е почеток на следниот предизвик.
Халкбанк АД Скопје беше генерален партнер на настанот трета година по ред. Меѓу другите партнери и поддржувачи фигурираа MS Creative Studio, Pari.com.mk, Delfino Mobility Group, Alikas, BiMilk, Аџибадем Систина, Макстил, Зегин и други.
Фото: прес-материјал од настанот


