Почетна
Балкан

Цените на струјата во регионот достигнаа рекордни нивоа

Сушата и историски ниските водостоји на реките го намалија производството и предизвикаа нагли скокови на вечерните цени на електричната енергија во регионот.

·Балкан
Цените на струјата во регионот достигнаа рекордни нивоа

Берзанските цени на електричната енергија во неколку земји од регионот скокнаа на рекордни нивоа откако комбинација од екстремни горештини, суша, ниски водостоји и зголемена потрошувачка го намалија достапното производство.

На 3 август, околу 20 часот, цената на електричната енергија на берзата во Србија достигна околу 550 евра за мегават-час. Уште повисоки цени беа регистрирани во Словенија – 717 евра, и Хрватска – околу 650 евра за мегават-час. Во истиот период, цената во Романија достигна околу 535 евра, а во Унгарија 510 евра. Македонија и Бугарија поминаа со значително пониски цени – околу 217 и 290 евра за мегават-час.

Главната причина за енергетскиот притисок е екстремната суша. Ниските водостоји на Дунав и другите реки го отежнуваат производството во хидроцентралите, а проблем предизвикуваат и централите кои за ладење се потпираат на речна вода. Еден реактор во нуклеарната централа „Чернавода“ е исклучен поради нискиот водостој на Дунав, а властите предупредуваат дека би можел да биде погоден и вториот реактор. Централата обезбедува околу една петтина од електричната енергија во земјата.

Зошто цените растат во вечерните часови

Цените го достигнуваат врвот во вечерните часови бидејќи токму тогаш потрошувачката е висока поради климатизацијата, додека производството од соларните електрани нагло се намалува со заоѓањето на сонцето. Историскиот екстремно низок водостој на Дунав дополнително ја ограничува можноста за производство низ целиот регион.

Сличен притисок се чувствува и во останатиот дел од Европа: растот на температурите ја зголеми употребата на клима-уреди, додека високите температури истовремено го намалуваат производството од некои нуклеарни и термоцентрали кои зависат од речна вода за ладење. Во неколку земји веќе се апелира до граѓаните за рационално користење на електричната енергија.

Енергетските експерти како клучни долгорочни решенија ги издвојуваат зголемувањето на капацитетите за производство, батериското складирање, подобрување на прекуграничните мрежни врски и подигнување на флексибилноста во потрошувачката. Потребни се и дополнителни инвестиции во мрежата и во извори што можат да произведуваат кога сончевата енергија не е достапна — особено во вечерните часови, кога побарувачката е најголема.

До 1 септември десет македонски компании ќе добијат шанса да се подготват за Берзата

Фото: EPA-EFE/MAURITZ ANTIN

Поврзани написи