ЦГК: Тендерот за 150 автобуси се повторувал три пати, победникот не бил најевтин
Анализата укажува на промени во условите и намален капацитет на идните електрични автобуси; Град Скопје ги подготвува трасите.

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) во анализа објави низа недоследности поврзани со јавната набавка за 150 нови автобуси во Скопје. Според центарот, постапката во период од 15 месеци била спроведена три пати, а избраниот понудувач не доставил најниска цена.
Клучни забелешки од ЦГК
Во извештајот се посочува дека со секое повторување на тендерот учесниците, нивните цени и понуди стануваат познати, што ја намалува неизвесноста и ја зголемува можноста за координација меѓу понудувачите. Во вториот тендер унгарскиот „Икарус Електрик Зрт“ и кинескиот „Зонгтонг Бас Холдинг“ настапиле како конкуренти, за во третиот да достават заедничка понуда која беше избрана за најповолна.
Во анализата е наведено дека нивната заедничка понуда, првично, била повисока од претходната на „Зонгтонг“ за 492 илјади евра, а од онаа на „Икарус“ за 60 илјади евра (со ДДВ). Вредноста на набавката изнесува 60 милиони евра, од кои 57 милиони за автобусите и 3 милиони за станиците за полнење.
ЦГК укажува и дека условите и описот во тендерската документација биле менувани. Идните електрични автобуси ќе имаат значително помал капацитет во однос на сегашните на Јавното сообраќајно претпријатие — ќе собираат вкупно 66 патници, односно до 30 места помалку од оние кои се добиени од ЕУ. Центарот додава дека Министерството за транспорт и врски не им ги доставило побараните документи и анализа врз основа на која биле направени промените во документацијата.
Во реакции по објавувањето на анализата, Министерството за транспорт и врски појасни дека не може да се споредуваат автобусите на гас и електричните автобуси и тврди дека набавката била целосно транспарентна и спроведена согласно Законот за јавни набавки.
Од опозициската СДСМ реагираа дека очигледно тендерот се повторувал три пати за да се наместат условите и да се усогласат играчите.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека општината ги подготвува трасите и инфраструктурата и дека „Веќе се излезени сите тимови и екипи да работат за кога ќе стигне и првата тура на автобусите ние бидеме спремни со инфраструктура“. Предходно, за обновување на возниот парк, имаше два неуспешни тендери. За време на мандатот на Данела Арсовска предлозите за нови автобуси неколкупати беа доставувани до Советот на Град Скопје, но советниците од ВМРО‑ДПМНЕ не ја гласаа точката. Од транспортниот сектор, пак, оценуваат дека по 14 години се обновува возниот парк и се настојува да се намали сообраќајниот метеж.
Ирена Чачкова
Фото: прес-материјал од настанот


