Почетна
Спорт

Чупиќ: Вардар против Висла Плоцк — во полна „Јане Сандански“ нема лесни мечеви

Чупиќ предупредува дека полната сала ќе го направи мечот во Лигата на шампионите дополнително тешки за противникот.

·Спорт
Чупиќ: Вардар против Висла Плоцк — во полна „Јане Сандански“ нема лесни мечеви

Вардар ја очекува Висла Плоцк во новото коло од Лигата на шампионите, а тренерот Иван Чупиќ јасно порача дека во полна сала „Јане Сандански“ никој нема лесно да игра.

Чупиќ од прес‑конференцијата: тежок противник, потребно зголемување на нивото

На денешната прес‑конференција во Скопје, каде покрај капитенот Васил Гогов присуствуваше и стратегот Иван Чупиќ, беше презентирана проценката за противникот и информациите за кадровската состојба по првите две кола без бодови.

„Групата е таа, јасно е. Висла е топ клуб меѓу десетината најдобри во Европа. Имаат ист тренер долги години. Константни се во резултатите, во изминатите години. Добро ја познавам своевремено доминацијата на Киелце во Полска, а ете сега Висла го презеде приматот таму. Тоа е само доказ за нивното ниво. Се подготвуваме како секогаш, со добра енергија, анализа и тренинг. Веруваме дека во полн „Јане Сандански“ никому нема да му е лесно. Сакаме по двата натпревара без бодови на кои игравме добро, да стигнеме до првата победа. Сигурно дека ни недостигаа по гол-два на претходните средби. Не сакам да зборувам за притисокот, тоа за мене е привилегија. Ова е наш пат кој ќе трае барем до крајот на сезоната. Нема успех без порази, не доаѓа бргу и преку ноќ. Мислам дека по првите два меча во ЛШ одигравме навистина добро, одигравме машки, ама очигледно тоа што го презентираме во овој момент не беше доволно за ова ниво. Ако беше доволно ќе имавме бодови на контото. Не сакам да барам алиби, иако игравме добро со Мелсунген, а потоа малку подобро против Нант. Сега верувам дека ќе го кренеме нивото, особено бидејќи Педро се врати и дава нота повеќе. Кога ја анализиравме Висла, екипа која според мој вкус игра најдобра одбрана во Лигата на шампионите. Тоа ќе биде голем предизвик за нашиот напад, мора да сме подобри од натпреварите со Охрид, Нант и Мелсунген. За оваа одбрана на Висла која плаќа 3-4 играчи само за одбрана, нашиот напад мора да биде како никогаш оваа сезона ако сакаме да освоиме бодови. Сепак, и без добра одбрана бадијала би биле добри во нападот. Сите сегменти мора да се на нивото, но ако морам да изберам еден кој може да реши ќе биде нашиот напад. Висла игра навистина врвна одбрана, тактички се дисциплинирани и за мене е навистина голем предизвик“, изјави Чупиќ па додаде.

„За жал Бомаштар е уште повреден, мора да имаме трпение бидејќи има незгодна повреда на грбот. Се надевам дека со новите терапии ќе го видиме по репрезентативната пауза. Тој е во процес на рехабилитација и не смееме да брзаме. Што се однесува до останатите играчи, ни се вратија Лазаревски, Педро и Стојановски. Тоа е голем плус и за мене и за тимот. Педро ни дава многу варијанти и за мој вкус е спортски најинтелигентен играч во оваа екипа. Можеби тоа ни недостигаше во претходните два натпревари, ќе видиме како ќе изгледаме против Висла“, изјави Чупиќ.

Вардар ќе влезе во домашниот дуел со цел прва победа во групната фаза; тренерот подвлече дека е потребно подобрување на напаѓачкиот сегмент за да се премости одбраната на Висла и да се дојде до бодови во Скопје.

Фото: РК Вардар

Поврзани написи