Почетна
Македонија

ЦУП предлага бесплатен пристап до „Службен весник“

Анализа на ЦУП предлага законска промена и два модели за надоместување на трошоците на ЈП „Службени весник“.

·Македонија
ЦУП предлага бесплатен пристап до „Службен весник“

Центарот за управување со промени (ЦУП) предлага „Службениот весник на Република Северна Македонија“ да стане слободно и бесплатно достапен за сите граѓани, оценувајќи дека пристапот до законите е уставно право и предуслов за владеење на правото.

Во својата анализа на правните, економските и демократските придобивки од бесплатен пристап до службените акти, од ЦУП порачуваат: „Не можеме да зборуваме за владеење на правото кога граѓаните имаат ограничен пристап до општите правни прописи на државата, а оваа апсурдна состојба е показател за ниската правната и политичката култура во државата. Оттука, Собранието и Владата имаат обврска да ја отстранат оваа системска аномалија и да обезбедат слободен и бесплатен пристап до законодавството на државата“, пишува во анализата.

Предлози за правно решение

ЦУП наведува дека бесплатен пристап може да се обезбеди преку измена на Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службениот весник на Република Северна Македонија“, преку измена на одлуката на Јавното претпријатие „Службен весник“ со која се утврдува износот на претплата, или со укинување на член 14 став 1 алинеја 1 од Законот од страна на Уставниот суд.

Во анализата се потсетува дека на 23.12.2025 година на платформата ЕНЕР беше објавен предлог-закон за измена и дополнување на Законот за објавување на општите правни прописи. Во него е предвидено задолжително објавување електронско издание, додека печатеното издание да се објавува по потреба. Центарот предлага откако е отпочнат процесот за измена да се дополни со одредба дека „пристапот до законите, другите општи прописи и јавните огласи не може да биде предмет на наплата и мора непречено да бидат јавно достапни“, додека операционализацијата да ја спроведе ЈП „Службен весник“.

Анализата на финансиските импликации ја опфати работењето на Јавното претпријатие „Службен весник“ за периодот 2022 – 2025 година. Податоците покажуваат дека за истиот период вкупниот раст на приходите е 10 отсто, додека вкупниот раст на расходите е 22 отсто. „Кога ќе се спореди трендот на приходи и расходи за периодот 2022 – 2025 година може да се воочи дека приходите имаат просечен раст од два отсто, но за истиот период расходите имаат просечен раст од седум отсто. Расходите исто така имаат вкупен раст од 22 отсто од 2022 до 2025 година во спротивност со помалото вкупно зголемување на приходите од десет отсто за истиот период. Ваков вид несразмерно зголемување на трошоците наспроти приходите ќе доведе до загуба во идното работење на претпријатието“, се вели во документот.

За да се надомести евентуалната загуба, ЦУП предлага две решенија. Решение 1: „Најповолно решение за надополнување на потенцијалната загуба по воведување на бесплатно електронско издание на 'Службениот весник' ќе се постигне со укинување на редовното печатеното издание на 'Службениот весник' и нудење на печатеното издание по единечна нарачка. Ова решение не само што ја покрива загубата од укинувањето на претплатата за електронското издание на 'Службен весник', туку решението дополнително остварува профит за ЈПСВ.“

Решение 2: „Второто решение се однесува на тоа државата да ја надомести разликата од загубата со која ЈПСВ потенцијално може да се соочи. Според добиените одговори од барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер, во 2025 година имало вкупно 743 претплатени корисници, од кои 431 или 58 отсто се јавни институции на централно и локално ниво. Тоа значи дека од вкупниот приход за претплата на 'Службен весник' во 2025 година, 58 отсто или 4 056 424 денари биле платени од државна институција. Тоа би значело, земајќи предвид само наплаќање услуги од институциите, дека во 2025 година претпријатието би имало остварено вкупен приход од 6 174 524 денари. Доколку ова решение се земе предвид, проектирано до 2030 година, ЈПСВ нема да се соочи со загуба и би останало профитабилно со просечно намалување во приходите од 21 отсто за периодот 2026 – 2030.“

Во споредбата со регионот, ЦУП посочува дека пристапот до „Народнио лист“ (Хрватска) и „Урдни лист“ (Словенија) е бесплатен и лесно електронски достапен, а во Германија и Франција службените весници се бесплатни со наплата само за дополнителни услуги. Кај нас, архивските изданија на веб-страницата на Службениот весник се безплатни, но пристапот до изданијата за тековната година бара претплата: печатено издание годишна претплата 16 650 денари, месечна рата 1 650 денари; електронско издание годишна претплата 7 000 денари по корисник.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи