Д-р Иван Барбов: Препорачав лекување на Ива Михаилова во Бугарија оти е државјанка на земјата
Барбов: препораката беше поради бугарското државјанство и осигурување; Државниот санитарен инспекторат ја проверува документацијата додека Михаилова е во Пирогов, Софија.

Д-р Иван Барбов од Универзитетската клиника за неврологија во Скопје вели дека ја советувал пациентката Ива Михаилова да се лекува во Бугарија бидејќи таа има бугарско државјанство и бугарско здравствено осигурување што ѝ ги покривало трошоците. Барбов за дел од медиумите изјави дека во моментот кога ја дал препораката не знаел дека против неа се води постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици.
Здравствени инспектори проверуваат досиеја по објавата на медицинскиот извештај
Според неговата раскажана верзија, Михаилова се јавила на Клиниката за неврологија во Скопје приближно еден и пол месец по несреќата, била хоспитализирана три дена и кај неа е констатирана скршеница на пршлен што ѝ предизвикува проблеми при движењето. Барбов во изјава за Канал 5 посочи дека методите што ги предложил најблиску биле достапни во Бугарија.
Медицинскиот извештај што го потпишал Барбов се најде во фокусот откако во јавноста беше објавен документ со негов факсимил од системот „Мој термин“ во кој стои препорака за лекување во странство. Докторот ја образложи препораката со фактот дека пациентката немала здравствено осигурување во Македонија, но имала бугарско.
„Препораката за лекување во Бугарија беше најмногу затоа што таа е бугарски државјанин и има бугарско здравствено осигурување. Во таа смисла беше препораката. Во тоа време јас не знаев (за сообраќајката н.з), за тоа има институции кои треба нели да се грижат. И јас наведов некои методи на лекување кои таму може да ѝ помогнат“, вели д-р Иван Барбов.
Директорот на Клиниката за неврологија, Јован Божиновски, потврди дека не е одржан стручен колегиум кој би изготвил конзилијарно мислење за лекување во странство и побара од Државниот санитарен и здравствен инспекторат да ги провери протоколите за третманот на Михаилова. Како што беше објавено, пред инспекторите сведочеле и Божиновски и Барбов.
Во меѓувреме, Михаилова е во болницата „Пирогов“ во Софија каде болничката служба потврди дека е хоспитализирана и дека ѝ се прават дополнителни дијагностички испитувања и терапија. Бугарското Министерство за внатрешни работи соопшти дека не презело мерки за утврдување на нејзината локација и оти бугарската уставна одредба го спречува екстрадирањето на бугарски државјани заради кривично гонење во друга земја.
Основниот суд во Кочани ѝ одреди 30-дневен притвор на Михаилова, по што беше распишана централна и меѓународна потерница. Министерот за здравство, Сашо Клековски, изјави дека заминувањето на пациентката се случило пред доаѓањето на бугарскиот лекарски конзилиум и дека прегледите од домашни и странски лекари ќе покажат дали имало медицинска основа за лекување во странство.
Фото: Принтскрин


