Д-р Виолета Николов: Менструалното здравје не смее да се игнорира
Специјалистката предупредува дека RED‑S ја нарушува менструацијата, коскената маса и имунитетот и повикува на рана проценка.

Во разговор на 30.10.2026 година, д-р Виолета Николов, специјалист гинеколог во велешката клиничка болница, предупреди дека менструалното здравје кај спортистките често се потценува и дека нарушувањата на менструалниот циклус може да бидат ранен показател за релативна енергетска инсуфициенција во спортот (RED‑S).
Зошто RED‑S не е само „форма“ туку здравствен проблем
Како што објасни докторката: „RED‑S е синдром на релативна енергетска инсуфициенција во спортот. Се јавува кога телото подолг период не добива доволно енергија од храната за да ги покрие потребите на тренингот, растот и нормалното функционирање. Тоа може да влијае врз хормоните, менструалниот циклус, коските, имунитетот и спортските перформанси.“
Д-р Николов посочи дека доцнењето на првата менструација или исчезнувањето на веќе воспоставен циклус не смеат да се занемарат: „Времето на појавување на првата менструација варира, но ако таа не се појави до 15‑годишна возраст, потребна е лекарска процена. Исто така, треба да се побара лекарска процена ако менструацијата не се појави во рок од три години од почетокот на развојот на градите. Интензивниот тренинг и недоволниот енергетски внес може да бидат дел од причините, но не се единствените можни фактори.“
За секундарната аменореа таа појасни: „Тоа е отсуство на менструација откако таа веќе започнала. Ако менструацијата изостанува три месеци по ред, спортистката треба да се консултира со лекар, особено ако претходно имала редовни циклуси. Не треба автоматски да се припишува на интензивните тренинзи, бидејќи може да има и други причини.“
Додека ги објаснуваше последиците, д-р Николов нагласи дека изостанувањето на менструацијата не е знак дека телото „добро се приспособило“ на тренингот: „Не. Изостанувањето на менструацијата може да биде знак дека телото не добива доволно енергија за да ги задоволи потребите на тренингот и нормалното функционирање. Тоа не треба да се смета за нормална последица од спортот, туку за предупредувачки знак дека е потребна медицинска процена.“
Појавата на проблеми со коскената маса и зголемен ризик од повреди, вклучително стрес‑фрактури, е директна последица од долготрајни енергетски дефицити и хормонални промени кај адолесцентките. За превенција, д-р Николов советува целосен пристап: „Превенцијата подразбира доволен внес на храна во согласност со реалните потреби на телото, соодветен одмор, индивидуално планирано тренинг‑оптоварување и отворена комуникација меѓу спортистката, родителите, тренерот и здравствените професионалци. Кога постои сомнеж за RED‑S, потребен е индивидуален пристап, а не само промена на тренингот. Сепак, сметам дека кај нас, за да имаме добра превенција, пред сè треба да ја подигнеме свесноста за сериозноста на овој проблем на сите нивоа – почнувајќи од спортистката, преку родителите и тренерите, па сè до здравствените професионалци. Неопходен е мултидисципли нарен пристап".
Таа исто така потсети дека менструацијата е индикатор за општото здравје и дека хормоналните контрацептиви можат да ја маскираат вистинската причина за изостанување: "Не нужно. Контрацептивните таблети може да предизвикаат крвавење кое не го одразува природното функционирање на менструалниот циклус, а со тоа и да го прикријат проблемот. Затоа е важно да се утврди причината за изостанувањето на менструацијата и да се третира основната состојба."
Проектот „Женски Спортски Приказни“ се реализираше со отвореноста и соработката на Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, а поддржан е од ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ.
Фото: Приватна архива на Виолета Николов


