Да имаат голема мрежа на пријатели е многу важно за 17% од младите во Македонија
Според податоците на УНФПА, македонските млади се под бројни земји во регионот — Грузија е на врвот, Украина на дното.

Истражувањето на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) покажува дека 17 отсто од младите во Северна Македонија сметаат дека им е „многу важно“ да имаат голема мрежа на пријатели.
Според студијата, вредностите се различни низ регионот: 36 отсто од Грузијците рекле дека им е многу важно да имаат голема мрежа на пријатели; 24 отсто во Азербејџан; 12 отсто во Босна и Херцеговина и 12 отсто во Казахстан; 19 отсто во Косово; 22 отсто во Киргистан; 18 отсто во Молдавија; 16 отсто во Србија; само 9 отсто во Украина; а во Узбекистан за 28 отсто од младите е многу важно да имаат многу пријатели.
Зошто пријателствата ја менуваат менталната состојба
Гешталт терапевтката Сузана Лазарова-Ефтимова вели дека дружењето позитивно влијае на менталното здравје и подвлекува: „Основна потреба на секој човек е да се чувствува поврзан со другите. Кога имаме со кого да споделиме нешто што ни се случува или едноставно да поминеме време заедно, чувствуваме дека не сме сами. Блиските односи ни даваат чувство на припадност и сигурност, а тоа значи многу за менталното здравје. Понекогаш еден искрен разговор може да ни го олесни денот. Бројот на пријатели не е мерило за тоа колку сме социјално активни. Секој поединец има различни потреби за социјализација, па најважно е да имаме пријатели со кои се чувствуваме исполнети“, додава таа.
Во врска со промените со возраста Лазарова-Ефтимова истакнува: „Кај тинејџерите пријателствата имаат големо значење затоа што преку нив го градат чувството на припадност, прифатеност и личен идентитет. Во тој период мислењето на врсниците има голема тежина. Во третата и четвртата деценија луѓето имаат повеќе обврски и помалку слободно време, но односите можат да бидат постабилни и подлабоки. Значи, не станува збор дека потребата од пријателство исчезнува, туку се менува начинот на кој се поврзуваме со другите“, рече Лазарова-Ефтимова.
Во согласност со други светски истражувања, студиите покажуваат дека 2 до 4 искрени пријатели помагаат да не се јави чувство на осаменост, депресија или стрес, а луѓето со цврсти пријателства побрзо се опоравуваат од трауми.
Фото: прес-материјал од настанот