„Да се стави крај на осиромашувањето“: 24-часовен штрајк во Грција
АДЕДИ и ПАМЕ ги повикаа вработените на национална акција со барања за плати, вработувања и мерки против поскапувањата.

Цела Грција е во 24-часовен застој откако Синдикатот на вработените во државниот сектор и синдикатот ПАМЕ повикаа на штрајк, поддржани од повеќе федерации, работнички центри и синдикати. Во акцијата, која ги привлече и просветните и здравствените работници, студентите и учениците, бродовите и траектите останаа закотвени во пристаништата низ целата земја.
Од АДЕДИ преку штрајкот бараат „да се стави крај на осиромашувањето“ и побараа „спроведување политики што ќе дадат суштински одговори на сериозните економски, работнички и социјални проблеми“ со кои се соочуваат вработените.
Меѓу барањата се враќање на 13 и 14 плата и суштинско зголемување на платите, масовно вработување на постојан кадар со приоритет во здравството, образованието, локалната самоуправа, социјалните служби и социјалното осигурување, вработување на сите хонорарци, зголемување на средствата за јавното здравство и образованието, мерки за справување со високите цени и укинување на ДДВ за храната и производите за основна потрошувачка.
Превоз и протести
Бродскиот сообраќај во поголем дел од Грција беше стопиран и траектите останаа во пристаништата. Јавниот превоз во Атина беше нарушен поради неколкучасовни прекини на работа на вработените во метрото и трамваите, а земјните превозни средства ќе сообраќаат главно од 9:00 до 18:00 часот.
Воздушниот сообраќај се одвиваше непречено откако синдикатот на вработените во цивилното воздухопловство најави 24-часовен штрајк, но тој беше прогласен за незаконски по тужбата поднесена од Службата за цивилно воздухопловство пред Основниот суд во Атина.
Синдикатот на вработените во приватниот сектор (ГСЕЕ) оваа рунда не се приклучи, па штрајкот не се третира како генерален. Протести и собири се закажани за претпладнево во Атина и во повеќе од 40 градови ширум Грција.
Фото: прес-материјал од настанот


